Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава за поранешниот министер за култура Хусни Исмаили за несовесно работење во службата, при што го оштетил државниот буџет за повеќе од половина милион евра. Финансиската полиција кривичната пријава ја испратиле до тетовското обвинителство.
Пријавениот поранешен министер ја злоупотребил својата службена положба во период од 2019 до 2020 година потпишал договори за финасирање на проекти, иако за тоа во државната каса немало пари.
„Потпишал решенија и склучил договори со правни и физички лица за финансирање на проекти во вкупен износ од 31.824.000 денари, иако бил свесен дека со извршениот ребаланс на буџетот од страна на Владата на Р.С.Македонија објавен во Службен весник бр.126 од 15.05.2020 година, недостасуваат финансиски средства за веќе преземените тековни обврски во однос на годишните конкурси за финансирање на проекти“, е наведено во соопштението на Финансиската полиција.
За поранешниот министер Исмаили обвинителството отворило предмет уште на 24 август 2021 година по доставено известување од Финансиската полиција за неправилности при доделување на пари за проекти од национален интерес од областа на културата за 2019 година.
Но, Финансиската полиција по две години побарала одложување на роковите за да испрати дополнителни докази, велат од обвинителството.
„По преземање на предметот во работа од страна на друг јавен обвинител, истиот веднаш достави втора ургенција на 1 март 2024 година со која побара Финансиската полиција веднаш да го достави известувањето по однос на преземените мерки и постапки, а во врска со првично издадената наредба. До денес УФП нема постапено по ова барање“, одговорија од Државното обвинителство за РСЕ на 29 октомври.
Видете и ова: Стари проблеми - нови комисии за оценка на проектите во културатаЗа спорниот начин на доделување на проектите од министерството за култура иницијатива до Обвинителството достави и Државната комисија за спречување на корупција.
Како што пишуваше РСЕ, додека со Министерството за култура раководел Исмаили, по 1.500 евра за проекти добиле Ѓорѓи Спасов, долгогодишниот партиски функционер на СДСМ, Зеќир Рамчиловиќ, како и поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин.
Клучен критериум за добивање финансиска поддршка бил квалитетот на проектите, беше тогашното објаснување на Исмаили.
Државниот завод за ревизија до Министерството за култура после извршената ревизија за 2023 година утврди нерегуларности како непотпишани фактури за трошење на парите од проектите, фактури без податоци за број на лица и денови за кои се реализирало сместување, превоз и поминати километри, а дел од фактурите за печатење на рекламен материјал се прифатени и реализирани без доказ дека се испечатени.
Дел од авторските договори за луѓето кои треба да организираат настани како што се симпозиуми, фестивали или манифестации, според равизорите достигнуваат и до 65% од вкупната сума во проектите, па надминуваат и 4 илјади евра, а сето тоа е поради нивното неограничување.