Сојузниците на НАТО ќе мора да потрошат речиси три отсто од бруто домашниот производ (БДП) на своите воени сили за да ги спроведат новите одбранбени планови на алијансата, изјави претседателот на Воениот комитет на НАТО, Роб Бауер, пренесе Ројтерс.
Така, трошоците би ги надминале досегашните два отсто инвестиција во армиите на земјите-членки, што беше поставена како актуелна цел на Алијансата.
Вкупниот процент потребен за да се направат новите планови остварливи е многу поблиску до три отсто од БДП отколку два отсто, изјави во Брисел, Бауер.
„Очекувам дека под новата администрација на Доналд Трамп во САД ќе има многу поинтензивна дискусија за тоа колку повеќе Европа и Канада треба да инвестираат, а тоа е здрава и валидна дискусија што треба да се води“, рече Бауер.
Видете и ова: Два отсто од БДП за 2024 година ќе се додадат во буџетот за одбрана, најави министерката ПетровскаВо неговиот претходен претседателски мандат, Доналд Трамп ја предупреди Алијансата за ниските одбранбени трошоци на нејзините земји-членки, кои потоа потрошија помалку од два отсто од БДП на своите армии.
НАТО постојано повторува дека годинава членките на Алијансата треба да ги зголемат инвестициите во нивните одбранбени капацитети.
Поранешниот шеф на НАТО, Јенс Столтенберг, во септември изјави дека 32-те членки на Алијансата мора „да бидат подготвени да ја платат цената на мирот“ во справувањето со Русија.