Прва седница на новиот грузиски состав, опозицијата бојкотира

Протест пред парламентот во Грузија, 25 ноември 2024 година

Новиот грузиски парламент ја одржа својата прва седница на 25 ноември, во услови на протести поради изборите за кои опозицијата тврди дека биле наместени и откако проевропската претседателка Саломе Зурабишвили побара поништување на резултатите.

Политичките превирања ја потресоа црноморската нација по гласањето на 26 октомври, на кое победи владејачката партија Грузиски сон.

Прозападните опозициски партии ги оспорија резултатите и одбиваат да влезат во новиот парламент, кој го сметаат за „нелегитимен“.

Зурабишвили во расправија со владејачката партија поднесе тужба до Уставниот суд барајќи да го поништи резултатот. Таа одби да издаде претседателски декрет за свикување на парламентот и ја обвини Русија за мешање во гласањето, што Москва го негираше.

Грузиски сон, кој обезбеди 89 места во 150-члениот совет, вели дека гласањето било слободно и фер.

Пратениците од владејачката партија се собраа напладне на инаугуративна седница која беше бојкотирана од опозицијата.

Видете и ова: Полицијата во Тбилиси ги растури шаторите на демонстрантите кои бараат нови избори

Зурабишвили ја прогласи пленарната седница за „неуставна“, велејќи дека „масовната изборна измама го поткопала нејзиниот легитимитет“.

„Одбив да ја свикам првата седница, а Уставот никого не признава за замена“, напиша таа на Фејсбук.

Водечкиот експерт по уставно право, Вакушти Менабде, рече дека „новиот парламент не може да се состане додека Уставниот суд не ја донесе својата одлука за тужбата на Саломе Зурабишвили“.

Силни полициски сили се присутни на улиците на Тбилиси, главниот град на Грузија. И покрај тоа, вечерта на 24 ноември демонстрантите почнаа да се собираат пред зградата на парламентот откако опозицијата повика на протести.

Видете и ова: Зурабишвили вели дека владејачката партија ја „заробила“ Грузија и бара повторно гласање

Стотици демонстранти поставија кампови, блокирајќи го сообраќајот долж главната сообраќајница во Тбилиси.

Опозицијата вели дека владата на партијата Грузиски сон ја врти надворешната политика кон Русија и ја поткопува нејзината долгогодишна амбиција за влез во Европската Унија. Од партијата ги отфрлаат овие обвинувања.

Од гласањето, десетици илјади луѓе излегоа на улиците на Тбилиси во знак на протест поради наводната изборна измама. Европската унија и САД повикаа на истрага за „нерегуларности“ за време на гласањето.