Зеленски бара повеќе системи за воздушна одбрана за Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 24 ноември изјави дека на неговата земја „ѝ требаат повеќе системи за воздушна одбрана“ за да го заштити својот народ, додека Русија продолжува да ја таргетира Украина со воздушни бомби, борбени дронови и проектили.

„Зајакнувањето на заштитата на нашето небо е апсолутно критично“, напиша Зеленски на социјалните мрежи, додавајќи дека Киев „активно работи“ со своите партнери на подобрување на воздушната одбрана на земјата.

Видете и ова: Зеленски: Путин сака да го врати Курск пред Трамп да ја преземе функцијата

Според Зеленски, Русија лансирала повеќе од 800 воздушни бомби, околу 460 ударни беспилотни летала и над 20 проектили од различен тип против Украина во текот на изминатата недела.

И Украина и Русија на 24 ноември објавија дека одбиле десетици дронови од другата страна во текот на ноќта.

Украинската војска рано утрото соопшти дека нејзината противвоздушна одбрана соборила 50 од 73 руски беспилотни летала, а повеќе од 10 од пресретнатите беспилотни летала биле насочени кон главниот град Киев.