Активистите најавија нов протест во Нови Сад

Плакати од протестот против несреќата во Нови Сад, 17 ноември 2024 година.

Активистичките групи „Став“ и „Свиќе“ најавија нов протест во Нови Сад за денеска во 14 часот, кој ќе започне кај железничката станица, каде на 1 ноември загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени, кога врз нив падна бетонски настрешница.

Како што објавија групите на социјалните мрежи, во рамки на денешната акција ќе се движат по Булеварот на ослободувањето и ќе го обојат црвено.

„Така цел Нови Сад ќе ги види крвавите траги кои започнуваат на железничката станица и завршуваат во градските и државните институции. Донесете боја и ракавици, а на патот ќе имаме оперативна поддршка“, се вели во објавата.

Видете и ова: Притвор за министерот во оставка Горан Весиќ и другите осомничени за несреќата во Нови Сад

„Став“ и „Свиќе“ најавија дека ќе продолжат со различни форми на граѓанска непослушност се додека не се исполнат сите барања и не се ослободат активистите.

„Минатата недела докажавме дека режимот попушта под притисокот на граѓаните, активистите и опозицијата, нема да им веруваме на збор, туку будно ќе ги следиме започнатите процеси и повторно и повторно на улица ќе ги потсетуваме дека сакаме: активистите на слобода, убијците во затвор“, се додава во објавата.

20 дена по несреќата, Вишото јавно обвинителство во Нови Сад на 21 ноември соопшти дека се уапсени 12 лица, меѓу кои министерот за градежништво во оставка Горан Весиќ, поранешниот директор на српската железничка инфраструктура Небојша Шурлан и актуелната директорка во оставка Јелена Танасковиќ. За нив се определени мерки притвор.

Видете и ова: Почина една од тешко повредените во несреќата во Нови Сад

Во меѓувреме, во Нови Сад и во Белград се одржаа неколку протести под паролите „Рацете ви се крвави“ и „Корупцијата убива“, од кои најголемиот беше одржан во Нови Сад на 5 ноември, кога по уривањето пред Градското собрание неколку активисти беа уапсени, од кои некои се уште се во притвор.

Опозициските политичари и активисти бараат ослободување на уапсените, обвинувајќи дека зад демолирањето стоеле „упаднатите елементи“, а бараат и апсење на сите одговорни за несреќата и откривање на сите тајни договори за реконструкција на Железничката станица.

Покрај оставките поднесени од Весиќ, Танасковиќ и министерот за внатрешна и надворешна трговија, кој беше министер за градежништво во времето на почетокот на реконструкцијата на станицата, Томислав Момировиќ, се бараат оставки на градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ и премиерот Милош Вучевиќ.