Шефицата на Европскиот парламент: Германија треба да испрати ракети во Украина

Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола.

Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола ја поддржа употребата на ракети со долг дострел од страна на Украина во одбрана од руската инвазија, велејќи дека Германија треба брзо да му достави на Киев ракетен систем со долг дострел.

Во интервју објавено од весникот Funke Mediengruppe на 23 ноември, Мецола вели дека поддржува испраќање вакви ракети во Украина и дека треба да им се дозволи да се користат против цели во Русија.

Германскиот канцелар Олаф Шолц се спротивстави на испраќањето на ракетниот систем Таурус во Украина.

Неговите коалициски партнери, Слободните демократи и Зелените се за испраќање проектили во Киев.

Видете и ова: Трамп, наводно, размислува да го номинира Гренел за пратеник за војната во Украина

Дебатите за ракетите беа актуелни во последните денови откако, наводно, САД и дале дозвола на Украина да ги користи американските ракети АТАКМС за да ја напаѓа Русија.

Германските системи Таурус можат да нападнат цел оддалечена до 500 километри.

Русија во четвртокот истрела балистичка ракета со среден дострел врз украинскиот регион Днипро и предупреди дека таквите напади би можеле да бидат насочени и кон Западна Европа.

Војната во Украина започна на 24 февруари 2022 година. Рускиот претседател Владимир Путин ја нарече „специјална воена операција“ за демилитаризација на Украина.

Западот ѝ одговори на Русија со остри санкции за руската економија. Во руската инвазија на Украина, илјадници луѓе загинаа, а милиони беа раселени од своите домови.