Рускиот Врховен суд во петокот (22 ноември) ја прогласи меѓународната организација Форум на слободни нации пост-Русија за терористичка организација, што се смета за уште еден потег со цел да се потисне секаков обид за искажување на поинакви мислења.
Организацијата, основана во Полска во 2022 година, е обвинета за промовирање сепаратизам со цел распаѓање на Руската Федерација и нејзина поделба на независни држави под странско влијание, јавува рускиот сервис на Радио Слободна Европа.
Русија е мултиетничка земја која се состои од повеќе од 80 региони, од кои многу имаат големо домородно население, како што се Чеченија и Татарстан. Откако дојде на власт во 1999 година, рускиот претседател Владимир Путин ја централизираше моќта, ограничувајќи ја автономијата што ја уживаа некои етнички региони.
Руската инвазија на Украина и нејзиниот обид да го избрише украинскиот идентитет фрлија светло и врз лошото постапување на Кремљ кон домородното население во Русија, но паралелно започна и движење за „деколонизација“ кое се обидува да им даде поголемо значење на етничките групи во проучувањето на историјата и културата во таа земја.
Видете и ова: По истражувањето на РСЕ, заканувачки пораки до стотици украински организацииТужбата против Форумот на слободни нации пост-Русија беше покрената на крајот на октомври од страна на Генералното обвинителство, кое ги наведе активностите на организацијата како закана за територијалниот интегритет и националната безбедност на Русија.
Во соопштението, Обвинителството наведува дека форумот функционира преку 172 регионални и национални ентитети, вклучувајќи ги и Балтичката републиканска партија, Движењето Ингри, Конгресот на народите на Северен Кавказ, Фондацијата Слободна Јакутија и Конфедерацијата на Далечниот Исток. Обвинителството тврди дека со овие групи управуваат прогонети водачи на сепаратистички движења.
„Овие лидери имаат за цел да ја поделат Руската Федерација на независни држави кои би потпаднале под влијание на непријателски странски држави“, објави Канцеларијата на јавниот обвинител на својата веб-страница.
Форумот на слободни нации пост-Русија е регистриран во Полска и се опишува себеси како граѓанско движење кое се залага за поголема регионална автономија во Русија, а некои членки ја поддржуваат и целосната регионална независност. На својата веб-страница и социјалните медиуми, организацијата користи и варијации на своето име, како што е Форумот на слободни држави пост-Русија.
Украинскиот бизнисмен Олех Махалечки се претставува како еден од основачите на групата и се верува дека е главен спонзор.
Видете и ова: Руското обвинителство ја прогласи германската фондација Конрад Аденауер за „непожелна“Активностите на групата вклучуваа дискусии за децентрализација и независност, на кои настапуваат значајни говорници како што се истакнатиот татарски активист Нафис Кашапов, башкирскиот активист Руслан Габасов, рускиот опозициски политичар Илја Пономарјев, американскиот политички аналитичар Јануш Бугајски и други.
Прогласувањето на организацијата за терористичка од страна на Врховниот суд значи дека се забранети сите активности на Форумот за слободни нации во Русија. Членството или здружувањето со оваа организација ќе биде предмет на кривично гонење, според руските антитерористички закони.
Критичарите на пресудата тврдат дека оваа одредба одразува широко задушување на различните мислења и на движењата за регионална автономија во Русија. Тие наведуваат дека Форумот првенствено работи во странство и на Интернет, што ја доведува во прашања ефективноста на пресудата надвор од границите на Русија.