Лукашенко се закани со исклучување на интернетот доколку има протести за претседателските избори

Александар Лукашенко (фотоархива)

Авторитарниот лидер на Белорусија Александар Лукашенко се закани дека ќе го исклучи интернетот во земјата во случај на масовни протести за време или по претстојните претседателски избори.

Ваквата закана од Лукашенко следува откако по изборите пред четири години избувнаа немири, а опозицијата тврдеше дека гласањето било наместено.

Обраќајќи им се на студентите на Државниот лингвистички универзитет во Минск, Лукашенко ги бранеше ограничувањата кои тогаш ги воведе и предупреди дека ќе има и нови за да ги сузбие различните мислења.

„Ако ова се повтори, целосно ќе го изгаснеме. Мислите ли дека ќе седам со скрстени раце и ќе се молам да не испраќате пораки кога е во прашање судбината на земјата“, рече Лукашенко, според извештајот од државната новинска агенција БелТА.

Видете и ова: Човечката цена на уништувањето на независните медиуми во Белорусија

Лукашенко призна дека прекинот на интернетот за време на протестите во 2020 година се случил со негово одобрение, наведувајќи ја потребата да се „заштити земјата“.

По изборите на 9 август 2020 година, за кои многу западни влади рекоа дека не биле слободни и фер, пристапот до Интернет низ Белорусија беше прекинат неколку дена и повремено блокиран.

Спорните избори, со кои Лукашенко го продолжи своето владеење од 1994 година, беа осудени од САД, Европската унија и другите меѓународни актери.

Како одговор на протестите со кои се бараше оставка од Лукашенко, следеа масовни апсења, наводни мачења на затвореници и насилни акции во кои загинаа неколку луѓе.

Многу опозициски лидери се во затвор или во егзил, а Лукашенко одбива да разговара со своите критичари.

Следните претседателски избори во Белорусија се закажани за 26 јануари.