Новинарката на РСЕ, Алсу Курмашева ја прими Меѓународната награда за слобода на печатот

Алсу Курмашева

Алсу Курмашева, новинарка на Татарско-башкирскиот сервис на Радио Слободна Европа, ја прими Меѓународната награда за слобода на печатот од страна на Комитетот за заштита на новинарите (CPJ) на церемонијата одржана во Њујорк на 21 ноември.

Курмашева, која неодамна беше ослободена откако помина 288 дена во притвор во Русија, се заблагодари на Комитетот за напорите да биде ослободена.

„Новинарството не е кривично дело“, рече таа, истакнувајќи дека во моментов во Русија се затворени повеќе од 20 новинари.

Курмашева додаде дека наградата им ја посветува на нејзините колеги кои сè уште се затворени, вклучувајќи ги новинарите на РСЕ Ихар Лосик и Андреј Кузнечик во Белорусија, Владислав Јесипенко на Крим и Фарид Мехрализада во Азербејџан.

„Моите колеги не се само статистика. И тие како и мене се вистински луѓе со семејства на кои им недостасуваат и ги сакаат. Има десетици други новинари во руските затвори. Тие треба веднаш да бидат ослободени“, рече Курмашева.

Меѓу другите добитници на наградата оваа година беа палестинскиот новинар Шорук ал-Аила, новинарот од Гватемала Кими де Леон и нигериската истражувачка новинарка Самира Сабу.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

„Конечно во добри раце“: Ослободената новинарка на РСЕ, Алсу Курмашева, за животот по рускиот затвор

Приведена од властите во јуни 2023 година додека била во посета на роднините во централниот руски град Казан, Курмашева првично беше обвинета дека не го пријавила американскиот пасош. Прво беше ослободена, но и беше забрането да ја напушти земјата.

Во октомври Курмашева беше уапсена, затворена и обвинета дека е непријавен „странски агент“ - според спорниот руски закон насочен против новинари, активисти на граѓанското општество и други.

Нејзиното обвинение подоцна беше дополнето со дистрибуирање на, како што тврди владата, лажни информации за руската војска, обвинение што произлегува од нејзината работа како уредник на книга за Русите кои се противат на тековната инвазија на Украина.

Видете и ова: Затворениците кои останаа во Русија по историската размена

РСЕ, како и владата на САД, ги нарекоа обвиненијата апсурдни.

Размената на затвореници, која се реализираше на 1-ви август, опфати вкупно 24 лица, вклучувајќи ги Курмашева, новинарот на Вол Стрит Џурнал, Еван Гершкович и рускиот политички активист Владимир Кара-Мурза.