Украинскиот парламент ја откажа седницата поради закана од ракетен напад

Зградата на украинскиот парламент во Киев, Украина

На украинските пратеници им беше препорачано да ја избегнуваат областа околу парламентот на 22 ноември, а парламентот ја откажа закажаната седница поради предупредувањата за потенцијален ракетен напад.

„Ние бевме информирани за ризикот од ракетен напад врз Врховната Рада во Киев во наредните денови. Путин значително го зголеми влогот. Утрешната парламентарна седница е откажана“, објави вчера пратеникот Тарас Батенко.

Другите пратеници за Радио Слободна Европа го потврдија откажувањето на седницата, а пратеникот Олексеј Хончаренко на Телеграм рече дека следната седница сега е планирана за декември.

Лидерите на парламентот официјално не ги коментираа предупредувањата. Кабинетот на претседателот ја увери јавноста дека ќе продолжи да работи „како и обично“ на 22 ноември.

Овој потег доаѓа еден ден откако рускиот претседател Владимир Путин го објави „успешното борбено тестирање“ на новата балистичка ракета со среден дострел „Орешник“ во Украина.

Путин тврди дека проектилот бил употребен во нападот врз источниот украински град Днипро, тврдејќи дека тоа е одговор на „агресивните дејствија“ на НАТО и тоа што Украина користи ракети испорачани од Западот за цели на руска територија.

Видете и ова: Путин:Русија истрела нова ракета со среден дострел, а не балистичка

Воздухопловните сили на Украина известија за повеќекратни ракетни напади врз Днипро на 21 ноември, вклучително и употреба на, како што рече, интерконтинентална балистичка ракета. Локалните власти потврдија штети на индустриски капацитети, два пожари и три повредени.

Киев веќе неколку дена е цел на интензивните напади околу Украина од страна на Русија.

Амбасадата на САД во Украина предупреди на значителен руски воздушен напад на 20 ноември, што доведе до привремено затворање на нејзините операции. Амбасадите на Шпанија, Италија и Грција, исто така, ги прекинаа услугите за тој ден.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи кружеа шпекулации за потенцијални напади со балистички ракети РС-26 Рубеж од рускиот регион Астрахан, иако на 20 ноември информациите не беа потврдени.