Зеленски до сојузниците: Путин ве тестира, мора силно да одговорите

Украинскиот претседател Володомир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека рускиот напад врз Украина со нов тип балистичка ракета е „јасна и сериозна ескалација“ во војната и повика на силна осуда од меѓународната заедница.

„Ова е јасна и сериозна ескалација на големината и бруталноста на оваа војна“, наведе Зеленски на платформата Х, по нападот на градот Днипро во центарот на земјата.

„Употребата на балистичка ракета против Украина денеска е уште еден доказ дека Русија не е заинтересирана за мир“, рече тој и додаде дека Путин „го тестира светот“, дека тоа е она што го прави и дека само решителна реакција од Западот може да го спречи.

„Светот мора да одговори“, рече тој.

Рускиот претседател Владимир Путин во синоќешното телевизиско обраќање до нацијата рече дека Русија вчера истрелала хиперсонична балистичка ракета со среден дострел врз украински воен објект како одговор на употребата на американски и британски ракети од страна на Киев.

Видете и ова: Путин:Русија истрела нова ракета со среден дострел, а не балистичка

Во коментарите на X, Зеленски рече дека признавањето на Путин за употребата на новото оружје е уште една ескалација во војната, која сега трае повеќе од 1000 дена, по распоредувањето на севернокорејските трупи на руска територија.

„Путин не само што ја продолжува војната, тој им плука во лице на оние во светот кои навистина сакаат да го вратат мирот. Светот мора да одговори. Во моментов нема силна реакција од светот...Недостигот на остри реакции на постапките на Русија испраќа порака дека таквото однесување е прифатливо“, напиша Зеленски.

Рускиот напад доаѓа само неколку дена по извештаите дека Украина користела проектили „Storm Shadow“ испорачувани од Британија и системите ATACMS произведени од САД за да напаѓа воени цели подлабоко во Русија по долго бараното одобрение од претседателот Џо Бајден.

Русија ја почна инвазијата на Украина на 24 февруари 2022 година.