Путин:Русија истрела нова ракета со среден дострел, а не балистичка

Рускиот претседател Владимир Путин во видео обраќање кон нацијата на 21 ноември 2024

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека неговата војска истрелала нова ракета со среден дострел во Украина, по обвинувањата од Киев дека станува збор за интерконтинентална балистичка ракета (ICBM).

Во видео-обраќање кон нацијата денеска (21 ноември), Путин рече дека употребата на новото оружје е одговор на тоа што Соединетите Држави и Обединетото Кралство му дадоа дозвола на Киев да ги истрела нивните ракети со долг дострел кон Русија.

„Во борбени услови беше тестиран еден од најновите руски ракетни системи со среден дострел“, рече Путин, додавајќи дека станува збор за хиперсонична ракета способна да носи нуклеарна боева глава.

Претходно истиот ден, Киев рече дека Русија истрелала нешто што изгледа како ICBM во Украина како дел од масовниот ракетен напад врз Днипропетровск, каде има важни воено-индустриски погони. Ракетите ICBM, кои се дизајнирани да изведуваат нуклеарни удари на долги растојанија, никогаш порано не биле користени во војна.

Видете и ова: Русија, наводно, истрелала интерконтинентална балистичка ракета во Украина

„Утрото на 21 ноември 2024 година...руските трупи го нападнаа градот Днипро (објекти и критична инфраструктура) со проектили од различен тип. Особено, интерконтинентална балистичка ракета беше лансирана од Астраханската област на Руската Федерација“, се вели во соопштението на украинските воздухопловни сили на Телеграм.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Телеграм рече дека новото руско оружје ги има „сите карактеристики, како брзина и висина на интерконтинентална балистичка ракета“.

Рускиот напад доаѓа само неколку дена по извештаите дека Украина користела проектили „Storm Shadow“ испорачувани од Британија и системите ATACMS произведени од САД за да напаѓа воени цели подлабоко во Русија по долго бараното одобрение од претседателот Џо Бајден.