Израел и либански Хезболах разменија смртоносни напади денеска (21 ноември) и покрај знаците за напредок во мировните напори на САД.
Израел изврши воздушни напади врз јужните предградија на Бејрут, а Хезболах лансираше ракети кон северен Израел.
Хезболах, проиранско движење во Либан, САД го сметаат за терористичка организација, додека Европската унија го стави на црната листа само нејзиното вооружено крило, но не и политичката партија која има места во либанскиот парламент.
Американскиот посредник, Амос Хохштајн, беше во Израел за да разговара со израелски официјални претставници за прекин на огнот, за кој за време на посетата на Бејрут претходно оваа недела, рече дека е „на дофат“.
Истакнувајќи дека остануваат разликите во мислењата, висок либански функционер изјави за Ројтерс дека Бејрут бара промени во предлогот на САД за прекин на огнот за да вклучи побрзо повлекување на израелските сили од јужен Либан.
Дипломатските напори се најсериозниот обид досега да се стави крај на конфликтот што се прошири од Појасот Газа.
Три лица загинаа во израелски воздушен напад на југот на Либан во селото Шаитија, на десет километри од границата, соопшти либанското Министерство за здравство.
Видете и ова: Четворица мртви, 18 ранети во израелски напад врз БејрутВо Израел, 30-годишен маж загина од остатоци од ракета што погоди игралиште во северниот град Нахарија, соопшти израелската медицинска служба MDA.
Израелската армија извести дека од Либан кон Нахарија биле истрелани десетина ракети. Повеќето биле пресретнати.
Крајбрежниот град бил погоден од три ракети, јави телевизијата Канал 12.
Телевизиската станица Ал-Манар, која е во сопственост на Хезболах, потврди дека тие истрелале ракети врз Нахарија и неговата околина.
Нападите врз јужните предградија на Бејрут го потресоа градот со најмалку десет силни експлозии.
Од октомври 2023 година, во конфликтот меѓу Израел и Хезболах во Либан загинаа 3.558 луѓе, според податоците на либанското Министерство за здравство. Во вторникот, на 20 ноември, загинаа 14 лица.
Повеќе од 100 луѓе се убиени во нападите на Хезболах врз северен Израел и Голанската висорамнина.
Тоа вклучува повеќе од 70 војници кои ги загубија животите во овие напади и во борбите во јужен Либан, според Израел.