Премиерот на Словачка, Роберт Фицо, денеска (21 ноември) изјави дека заедно со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ќе присуствува на воената парада во Москва по повод Денот на победата над фашизмот, во мај 2025 година.
„Се договоривме заедно да одиме во Москва, бидејќи го делиме истото мислење за тоа како да се бориме против фашизмот и ги почитуваме земјите кои учествуваа во ослободувањето на нашите земји на крајот на Втората светска војна“, рече Фицо во Белград, каде е во официјална посета.
Рускиот претседател Владимир Путин на 18 ноември го покани српскиот претседател Александар Вучиќ да ја посети Москва на 25 мај следната година, кога ќе се одбележи 80-годишнината од победата во Втората светска војна.
Фицо и Вучиќ се сретнаа во палатата „Србија“, по што беше одржан состанок на делегациите на двете земји.
По средбата, двајцата функционери не штедеа комплименти за време на прес-конференцијата.
Фицо рече дека претседателот на Србија е „предмет на ненормална пропаганда“, како и самиот тој, додека Вучиќ за словачкиот државник рече дека тој е „еден од најважните и најголемите светски лидери“.
Словачкиот премиер, познат по контроверзните повици Киев да и отстапи територија на Русија за да се стави крај на војната и противењето на санкциите кон Кремљ, ја осуди одлуката на американската администрација да и дозволи на Украина да користи американски ракети со долг дострел за да погоди цели во Русија.
„Тоа е ескалација на тензиите и доказ дека нема интерес што поскоро да заврши воениот конфликт во Украина. Мислам дека тактиката на Украина да се бори со Русија до последниот човек ќе биде болна за Украина“, рече Фицо.
Видете и ова: Стано: Нападот со интерконтинентална ракета е сигнал дека Путин не е подготвен за мирСрпскиот претседател Вучиќ, изјави дека не е изненаден од одговорот на Русија, која денеска (21 ноември) наводно првпат истрелала интерконтинентална балистичка ракета кон Украина.
„Ако некој мисли дека ќе пукате што сакате на територијата на Руската Федерација со оружје на западните земји, а Путин нема да одговори, тогаш или не го познавате или не сте нормални“, рече Вучиќ.
Тој додаде и дека Србија презема мерки кога е во прашање развојот на ситуацијата на украинското бојно поле.
Србија е една од ретките земји во Европа кои не се приклучија на западните санкции против Москва, откако Русија започна воена инвазија на Украина во февруари 2022 година. Сепак, официјален Белград во неколку наврати го осуди нарушувањето на територијалниот интегритет на Украина, но одржува редовни контакти со руските претставници.
Русија изврши голем ракетен напад врз Украина рано денеска, што предизвика штета во најмалку две области, објавија украинските воздухопловни сили и регионалните лидери.
Овој напад, доаѓа само неколку дена по извештаите дека Украина користела британски ракети „Сенка на бурата“ и системите АТАКМС произведени од САД за да нападне воени цели длабоко во Русија по долго бараното одобрение од претседателот Џо Бајден.