Судот во Хаг бара апсење на Нетанјаху и воениот лидер на Хамас, Деиф

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху (лево) и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант на церемонија во воена база на 31 октомври.

Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг денеска (21 ноември) издаде налози за апсење на Мухамед Деиф, воен командант на Хамас- која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација, како и за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот израелски министер за одбрана, Јоав Галант.

Сите тројца се обвинети за извршени злосторства против човештвото и воени злосторства поврзани со нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година од страна на Хамас и последователната воена интервенција на Израел во Појасот Газа.

Иранската поддршка на Хамас и на Хезболах - друга милитантна група и политичка партија поддржана од Иран, која контролира голем дел од југот на израелскиот сосед, Либан, предизвика стравувања дека војната во Појасот Газа ќе го зафати Блискиот Исток.

Хезболах е означена како терористичка организација од страна на Соединетите држави, додека Европската унија го става на црната листа нејзиното вооружено крило, но не и нејзината политичка партија која има места во либанскиот парламент.

Израел, кој тврди дека го убил Деиф во јули, го критикуваше потегот како „мрачен момент за МКС“.

Хамас, кој никогаш официјално не ја призна смртта на Деиф, ги нарече налозите против Нетанјаху и Галант „важен чекор кон правдата“.

МКС соопшти дека издала налог за апсење на Деиф бидејќи обвинителот не можел да утврди дали тој е мртов.

Видете и ова: Галант: Повикот за апсење е срамен обид да се негира правото на Израел на самоодбрана

Техеран допрва треба јавно да ги коментира налозите.

Ниту САД, ниту Израел не ја признаваат јурисдикцијата на МКС.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД рече дека Вашингтон „фундаментално го отфрла“ издавањето на налози за апсење.

Во меѓувреме, високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, во објава на платформата X рече дека одлуките на МКС „се обврзувачки за сите држави членки на Римскиот статут, кој ги вклучува сите земји-членки на ЕУ“.

Судот тврди дека не е потребно прифаќање на неговата јурисдикција од страна на Израел.