Активисти со блокади бараат да не се урива Стариот савски мост во Белград

Активисти пред полицискиот кордон на приодот кон Стариот савски мост, 21.11.2024.

Граѓани и активисти се собраа денеска (21 ноември) кај Стариот савски мост во Белград, противејќи се на неговото отстранување, што е план на градските власти.

Според репортерите на Радио Слободна Европа, присутни биле околу 50 граѓани и активисти, додека полициски кордон ги обезбедува градежните активности.

Граѓаните се собраа и вчера, кога полицијата приведе дел од нив. Меѓу приведените се Саво Манојловиќ, лидерот на опозициското движење „Крени-промени“ и градскиот советник на тоа движење, Александар Јовановиќ.

Истиот ден започна демонтирањето на мостот. Поради ова активистите го блокираа Бранковиот мост на еден час.

Градските власти тврдат дека мостот е небезбеден и дека на негово место ќе се изгради модерна сообраќајница.

Видете и ова: Шестчасовна блокада во Нови Сад поради несреќата на железничката станица

Од друга страна, противниците на уривањето на Стариот савски мост посочуваат дека тоа е нетранспарентен проект и дека мостот има историско значење за градот. Тие сметаат дека мостот треба да се реконструира.

Еден од предлозите е тој да биде наменет само за јавен градски превоз, за велосипедисти и за пешаци.

Градските власти досега четири пати најавуваа затворање на Стариот савски мост и негово демонтирање, но активистите со протести и поддршка на дел од граѓаните го одложија.