Северна Кореја и Русија потпишаа протокол за соработка

Севернокорејски и руски претставници во Пјонгјанг, Северна Кореја, 20 ноември 2024

Северна Кореја и Русија потпишаа протокол за соработка по состаноците за трговија, економија, наука и технологија во Пјонгјанг, објави во четврток (21 ноември) севернокорејската државна новинска агенција КЦНА.

КЦНА не даде детали за договорот, кој во средата го потпишаа највисоките трговски претставници на Северна Кореја и руската делегација предводена од Александар Козлов, рускиот министер за екологија и природни ресурси.

Руската новинска агенција ТАСС во вторникот објави дека властите се согласиле да го зголемат бројот на чартер летови меѓу двете земји за да го промовираат туризмот.

Козлов, кој пристигна во Северна Кореја во неделата, се состана со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун и неговиот висок економски функционер, премиерот Ким Ток Хун, пред да се врати дома во средата, објави КЦНА.

Видете и ова: Северна Кореја го ратификуваше одбранбениот договор со Русија

За време на посетата на делегацијата, повеќе од 70 животни од руската зоолошка градина беа префрлени во Северна Кореја како подарок од претседателот Владимир Путин.

Во последниве месеци, Ким Јонг Ун им даде приоритет на односите со Москва во обид да излезе од меѓународната изолација и да ја зајакне сопствената позиција, постојано поддржувајќи ја војната на Путин во Украина и претставувајќи ја Северна Кореја како дел од обединет фронт против Вашингтон.

Ким допрва треба директно да признае дека и дал на Русија воена опрема и војници за да ја поддржи нејзината војна против Украина.

На парламентарна седница зад затворени врати, јужнокорејската Национална разузнавачка служба (НИС) во средата соопшти дека околу 11 000 севернокорејски војници влегле во рускиот регион Курск - каде што украинските војници презедоа делови од територијата оваа година.

САД, Украина и други земји имаат слични проценки за бројот на севернокорејски војници во Русија.