Помош за Украина од САД, Германија и Холандија

Авион Ф-16 на украинските сили, 4 август 2024 година.

Соединетите Американски Држави(САД), Германија и Холандија, тројца од клучните сојузници на Киев, соопштија детали за дополнителна помош за украинските сили кои се борат да ја одбијат руската инвазија која одбележа 1.000 дена од својот почеток во февруари 2022 година.

Холандското Министерство за одбрана соопшти дека Холандија ги испорачала последните два од ветените 18 борбени авиони Ф-16 во базата за обука во Романија, каде украинските пилоти и персонал се учат да летаат и да ги одржуваат авионите.

Холандија е една од главните земји во коалицијата на западни партнери кои ја снабдуваа Украина со напредни авиони Ф-16 за да ја зајакнат нејзината одбрана од руски напади врз воени и цивилни локации.

Министерството за одбрана на САД објави дополнителен пакет за безбедносна помош од 275 милиони долари. Во соопштението се вели дека пакетот ќе ѝ обезбеди на Украина „дополнителни способности за задоволување на нејзините најитни потреби, вклучително и муниција за ракетни системи, артилерија и противтенковско оружје“.

Во соопштението се вели дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ѝ обезбедила на Украина 61,3 милијарди долари безбедносна помош, вклучително и 60,7 милијарди долари откако Русија почна инвазијата врз Украина.

Видете и ова: Руте: Најдобро е земјите кои и даваат оружје на Украина да не поставуваат ограничувања за користење

Германската влада соопшти дека испратила пакет воена помош за Украина, вклучувајќи оклопни возила, артилерија и беспилотни летала.

Нејзината воена помош се доставува на два различни начини: преку федералните владини фондови што се користат за финансирање на испорака на воена опрема од индустријата и одделно за испорака на оружје земено од залихите на германските вооружени сили.

Германија е првата земја по САД во однос на обемот на воена помош испратена до Украина заклучно со февруари 2022 година. Севкупно, таа му обезбеди . Таа му обезбеди на Киев помош од 28 милијарди евра (29,5 милијарди долари).

Според повеќе извештаи на американските медиуми, администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден конечно му дала зелено светло на Киев да нападне внатре во Русија со моќно американско оружје со долг дострел.

По најавата на администрацијата на Бајден, францускиот дневен весник „Фигаро“ објави дека Велика Британија и Франција наводно најавиле дека и тие ќе дозволат Украина да ги користи нивните ракети „Сенка на громот“ и „СКАЛП“ за напади во внатрешноста на Русија.