Илјада портрети на жртви од војната во Украина на собир на антивоени активисти во Белград

Руски антивоени активисти држат портрети на цивилни жртви од војната во Украина по повод илјада дена од почетокот на руската инвазија.

Невладиното здружение „Руско демократско општество“, составено од антивоени активисти на 19 ноември организираше собир во центарот на Белград по повод илјада дена од војната во Украина.

Активистите на ова здружение држат портрети на цивилни жртви од војната, изјави за Радио Слободна Европа (РСЕ) Илија, еден од активистите.

Не сакаше да го открие целосниот идентитет, како што рече, од безбедносни причини.

Илија наведува дека активистите поседуваат илјада портрети направени од руско-израелскиот уметник Виктор Меламед.

„Од првиот ден на војната, тој секој ден создава портрет на жртва и пишува краток текст за таа личност, нешто од неговата биографија“, изјави тој за РСЕ, додавајќи дека тие текстови ги превеле на српски и на англиски јазик.

BELGRADE SERBIA Russian anti-war activists hold portraits of civilian victims of the war in Ukraine

Тој вели дека сакале овие луѓе „да се појават на јавниот простор на Белград, макар и на неколку минути“.

Илија вели дека во исто време оваа организација собира средства во рамки на кампањата „Енергија за живот“ за купување генератори за греење во Украина.

„Сите знаеме колку Русија веќе го оштети електроенергетскиот систем на Украина“, вели Илија.

На илјадатиот ден од целосната инвазија на Русија на Украина, беше извршен уште еден смртоносен напад од руски дрон врз станбена зграда.

Шест лица, меѓу кои и едно дете, беа убиени во Глухив како резултат на рускиот напад, а 12 лица беа повредени, меѓу кои и две деца, соопшти утрото на 19 ноември Регионалната воена управа во Суми.

Видете и ова: Борел - Судбината на Украина ќе ја одреди судбината на ЕУ

Украинските власти и меѓународните организации ги оквалификуваат овие напади како воени злосторства извршени од Руската Федерација и истакнуваат дека тие биле со предумисла.

Од друга страна, Русија негира дека руската армија за време на војната во големи размери извршува целни напади врз цивилната инфраструктура на градовите и селата на Украина.

До крајот на октомври, ОН објавија дека 12.162 цивили во Украина биле потврдени мртви, а 26.919 биле ранети од почетокот на руската целосна инвазија врз Украина. Организацијата нагласи дека реалните податоци за жртвите би можеле да бидат многу поголеми.