Муцунски и Борел го потпишаа Договорот за безбедносно и одбранбено партнерство

Илустративна фотографија.

Северна Македонија потпиша Договор за партнерство за безбедност и одбрана со Европската унија, со што е прва земја од регионот на Западен Балкан што воспоставува вакво партнерство со ЕУ.

Ваков договор со ЕУ во следниот период се очекува да потпише и со Албанија, откако претходно слични спогодби Унијата склучи со Јапонија, Јужна Кореја, Канада, Норвешка и Молдавија за зајакнување на европската безбедност.

Договорот меѓу Северна Македонија и ЕУ денеска во Брисел го потпишаа мнистерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.

Со договорот целта е заедничко справување со безбедносните предизвици, како хибридните закани, зајакнување на кибер безбедноста, борбата против тероризмот и надворешните аспекти на интегрирано гранично управување, спроведување на мисии и операции и поефикасна соработка во други области од сферата на безбедноста и одбраната.

Видете и ова: ЕУ и Северна Македонија ќе потпишат Договор за безбедносно и одбранбено партнерство

„Партнерството воспоставува платформа за зајакнат дијалог и соработка за безбедносни и одбранбени прашања, што ја одразува решеноста на двете страни да работат заедно за да се справат со заедничките безбедносни предизвици во сè посложената глобална средина“, соопшти Европската служба за надворешни работи.

Во соопштението се посочува дека актуелната неиспровоцирана и неоправдана агресивна војна на Русија против Украина ја истакнува критичната важност на единството и блиската соработка на ЕУ и со нејзините најблиски партнери.

„Северна Македонија е кандидат за членство во Европската Унија и важен и почитуван партнер на ЕУ во областа на безбедноста и одбраната. Како таква, таа е исто така активна трета земја учесник во заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ“, се вели во соопштението.

Според ЕЕАС, потписот на Договорот за партнерството за безбедност и одбрана ќе биде од корист за граѓаните и на ЕУ и на Севрна Македонија преку промовирање на мирот, стабилноста и безбедноста.

„Областите за соработка во рамките на Партнерството за безбедност и одбрана редовно ќе се ревидираат за да се следи напредокот и да се осигури дека Партнерството ќе остане цврсто и најдобро се справува со предизвиците што се создаваат“, посочува ЕЕАС.

Во соопштението се потсетува и на одлуката на ЕУ од септември 2024 година за обезбедување поддршка од 13 милиони евра во рамки на Европскиот мировен фонд за Армијата на Република Северна Македонија, кој се оценува како важна пресвртница во заедничката безбедносна и одбранбена соработка.

Видете и ова: Муртезани: Северна Македонија е подготвена за напредок во европските интеграции

Оваа, заедно со одлуката на Унијата од март 2023 година за зајакнување на капацитетите на вооружените сили на земјава преку подобрување и надградба на опремата на нејзиниот лесен пешадиски баталјон, според ЕЕАС, ја одразуваат благодарноста на ЕУ за целосното усогласување на Северна Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, што е нејзин многу јасен стратешки избор за иднина во блокот.

Пред потпишувањето на Договорот, на прес-конференција по завршувањето на Советот за надворешни работи, Борел истакна дека овој документ е доказ дека ЕУ е повеќе од само економска унија, туку и дека е политичка унија со одговорности во сите делови на политичкиот живот, вклучително и безбедноста и одбраната.

„Без безбедност не е можно ништо да се прави. Затоа да работиме напорно со цел да осигураме дека Европејците ќе уживаат во безбедноста. Тоа е многу ретка ситуација во светот денес, бидејќи живееме во многу понебезбеден свет отколку пред пет години“, рече Борел.