Зеленски во ЕП повика на фер и праведен крај на војната во Украина

Членовите на Европскиот парламент ракоплескаат пред говорот на видео-конференциска врска на претседателот на Украина Володимир Зеленски, Брисел, 19 ноември 2024 година

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика да се стави крај на војната во Украина на „фер и праведен“ начин и оцени дека рускиот претседател Владимир Путин нема да застане сам.

Во видео порака емитувана на специјалната пленарна седница на Европскиот парламент, по повод 1000 дена од почетокот на војната во Украина, Зеленски предупреди дека контингентот севернокорејски војници во Русија, на границите со Украина, може да достигне 100 000.

„Рускиот претседател Владимир Путин донесе 11 000 севернокорејски војници на границите на Украина. Овој контингент може да порасне до 100 000“, рече Зеленски, оценувајќи дека Путин е фокусиран на победа во војната.

Тој додаде дека без одредени клучни фактори, на Русија „ќе и недостасува вистинска мотивација да се вклучи во значајни преговори“.

Украинскиот претседател оцени и дека „секој удар и секоја закана од Русија мора да бидат одговорени со цврсти санкции“.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Илјада дена од руската инвазија врз Украина

„Илјада дена беа потребни за радикално да се намали способноста на Русија да ја финансира војната со продажба на нафта. Нафтата е извор на моќта за режимот на Путин. А флотата на танкери во сенка е она што го одржува во живот. Се додека овие танкери работат, Путин продолжува да убива“, рече тој.

Зеленски истакна дека се неопходни силни санкции против Русија.

Во исто време, тој го обвини Путин дека ги цени само парите и моќта.

„Ако некој во Европа мисли дека може да ја продаде Украина на Москва или на која било друга земја како балтичките земји или Балканот, Грузија, Молдавија и да добие нешто за возврат, нека се сети на оваа едноставна вистина: никој не може да ужива во мирните води во среде бура. Мораме да направиме сè за да ја завршиме оваа војна чесно, праведно и заедно“, рече Зеленски.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Како руските сили убија украински продавач во масакрот во Буча

Зеленски рече дека Украина, цела Европа и украинските партнери во САД и во светот успеале не само да го спречат Путин да ја окупира Украина, туку и да ја одбрани слободата на сите европски народи.