Почнува амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025

Салата во која се одржуваат седниците на Комисијата за финансирање и буџет (архивска фотографија)

Со претрес по амандмани за Предлог-буџетот за 2025 година, денеска (19 ноември) треба да продолжи комисиската расправа во Собранито.

Расправата за Буџетот за следната година на собраниската Комисија за финансирање и буџет трае 10 дена и треба да заврши најдоцна до 30 ноември по што продолжува на пленарна седница.

За Предлог–буџетот за 2025 година се поднесени вкупно 308 амандмани од кои 204 од опозициската СДСМ. Согласно законот, Буџетот за 2025 година треба да биде изгласан до 31 декември.

Видете и ова: Комисиска расправа за Предлог буџетот за 2025 година

На четвртиот ден од собраниската комисиска расправа со кој вчера беше исцпрен општиот претрес, пратениците од власта и опозицијата ги спротивставија ставовите. Според едните, буџетот е развоен и домаќински, а според другите е нереален, покажува немање визија и треба да се врати на доработка во Владата.

Со Предлог-буџетот за 2025 година, вкупните приходи се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41350 милиони денари или на ниво од 4 проценти од планираниот БДП, а се предвидува раст на економијата од 3,7 проценти.