Селекторот на Косово ги поддржа играчите по напуштањето на натпреварот со Романија

Франко Фода, селектор на косовската фудбалска репрезентација

Селекторот на машката фудбалска репрезентација на Косово Франко Фода им даде поддршка на своите играчи откако го напуштија теренот за време на неодамнешниот натпревар во Букурешт против Романија.

Фудбалерите излегоа од теренот во дополнителното време на 15 ноември поради скандирањата на домашните навивачи „Србија“, од која Косово се отцепи во 2008 година.

Косовскиот тим замина од истата причина за време на натпреварот помеѓу двата тима во септември 2023 година, но на крајот се врати.

УЕФА, управното тело на европскиот фудбал, треба да донесе одлука за ова прашање. Романија би можела да биде прогласена за победник со 3-0 во натпреварот од Лигата на нации. Беше 0-0 во моментот кога натпреварот беше прекинат.

Франко Фода, менаџерот на Косово, во коментарите објавени на 18 ноември рече дека секоја одлука на УЕФА е секундарна во однос на поддршката на неговите играчи.

„Се работи за нашата порака дека за вакво нешто нема место на стадионот. Се работи за соработка со почитување, тоа е поважно од резултатот“, изјави Фода за германскиот фудбалски магазин Kicker.
Тој рече дека романските играчи се обиделе да ги смират навивачите, но дека атмосферата не се променила и немало официјални најави на стадионот.

„Како Германец, јас сум селектор на Косово и ја прифаќам културата. Ги разбирам нив и моите играчи, па стојам 100 отсто зад оваа одлука“, рече Фода.

Видете и ова: Прекинат мечот Косово-Романија, косовските играчи го напуштија теренот жалејќи се на „расизам“

„Најважно е да се однесуваме едни со други со почит.

Фудбалерите на Косово се упатија кон соблекувалната во 92. минута, а натпреварот се водеше кон реми без голови, откако некои гледачи скандираа „Србија! за време на тепачка меѓу косовскиот капитен Амир Рахмани и романскиот напаѓач Денис Алибец.

Фудбалската федерација на Косово на 16 ноември предупреди дека ќе поднесе жалба до УЕФА за, како што рече, „провокации и расистичко однесување“ на романските навивачи за време на натпреварот.

Рахмани рече дека романските навивачи скандирале „Србија, Србија“ и „Косово е Србија“ и дека тој „најмалку три пати“ го информирал данскиот судија Мортен Крог дека неговиот тим ќе го напушти теренот.

Романскиот тим остана на теренот околу еден час пред судијата да одлучи да го прекине натпреварот откако косовските играчи одбија да се вратат.

Косово прогласи независност од Србија во 2008 година и го признаа повеќе од 100 земји, но не и Романија и другите четири земји на ЕУ, Шпанија, Кипар, Грција и Словачка.

Романската жандармерија соопшти дека 13 гледачи биле казнети по натпреварот, а на други девет им е забрането да влезат во спортски натпревар во период до една година.

Натпреварот не е првиот натпревар меѓу двата тима кој е проследен со инциденти.

За време на претходниот натпревар во Букурешт во септември 2023 година, романските навивачи извикуваа скандирања кон косовските играчи и развиле огромен транспарент со натпис „Косово е Србија“ на романски и српски јазик.

Натпреварот беше прекинат 50 минути, Романската фудбалска федерација беше казнета од УЕФА, а следниот натпревар Романија го одигра со само деца до 14 години дозволени на трибините.

Косовските навивачи исто одговорија на првиот натпревар од Лигата на нации одигран во Приштина оваа есен, а кој го доби Романија со 3-0. Тие свиреа за време на романската химна, скандираа расистички слогани, па дури и го нападнаа теренот. Инцидентите доведоа до тоа и Косовската федерација да биде казнета од УЕФА.

УЕФА соопшти дека ќе пренесе „повеќе информации во догледно време“.