МВР пријави полицајци кои незаконски издавале дозволи за оружје

Илустрација

Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против 25 вработени во истото министерство за несовесно постапување во вршење на своите должности и овластувања. Предметот го работел Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во МВР кој кривичната пријава ја поднесе до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Според МВР службениците по барања за издавање на одобрение за набавка на оружје дале позитивни мислења но спротивно на одредбите од Законот за оружје.
Петмина од пријавените кои биле претседател, членови и заменици членови на Комисијата за ревизија на позитивно одлучени барања за издавање одобрение за набавување на оружје не извршиле правилна ревизија на содржината на мислењата.

МВР ги товари дека наместо предметите да ги отфрлат или вратат на повторно одлучување заради докомплетирање, врз основа на претходно изготвени списоци на баратели на одобрение покрај кои биле испишани имиња на дел од членовите на Комисијата за ревизија, донеле позитивни одлуки и овозможиле баратели да се стекнат со одобрение за набавување на оружје спротивно на одредби од Законот за оружје.

Видете и ова: Обвинителот Хајрулахи смета дека истрагата за него е притисок врз него


При вршење на ревизија постапувале несовесно и селктивно при решавање на предметите, а по вкупно 5470 предмети воопшто не постапиле и не донеле одлука со што придонеле да застарат.

Меѓу пријавените има и помошник на министер и началник на Сектор за оружје кои се товарат дека пропуштиле должен надзор на начин што иако знаеле дека било позитивно одлучувано за поднесени барања спротивно на Законот за оружје, дека по поднесените барања селективно се постапува или воопшто не се постапува овозможиле барателите спротивно на законските прописи да се стекнат со одобрение за набавување на оружје.

По спроведена постапка, за потешко кршење на работниот ред и дисциплина, за 15 вработени е изречена мерка откажување на договорот за вработување, велат од МВР.