Најмалку 11 загинати, 89 повредени во руски напад на Украина

Последици од рускиот напад на Суми, Украина

Руски ракетен напад погодил станбена зграда во североисточниот украински град Суми, при што 11 лица загинаа, меѓу кои две деца, соопштија денеска (18 ноември) украинските власти.

„Осумдесет и девет лица, меѓу кои 11 деца, се повредени во нападот доцна навечер во неделата“, соопшти украинската државна служба за вонредни состојби.

Нападот во Суми уследи по повеќекратното руско бомбардирање на електричната мрежа на Украина во неделата наутро.

Видете и ова: Украинската енергетска инфраструктура цел на масовен руски напад

Киев објави дека Русија употребила 120 проектили и 90 беспилотни летала за време на тие напади, во кои загинаа седум лица.

„Неделната вечер стана пекол за градот Суми, трагедија што Русија ја донесе во нашата земја“, рече Володимир Артиух, шеф на воената администрација на Суми.

Воената администрација соопшти дека уште еден ракетен напад ја погодил електричната мрежа, оставајќи го градот без струја.

Воздухопловните сили на Украина соопштија дека руските сили користеле ракети Искандер-М и ракета Кх-59 на далечинско управување за време на ноќниот напад.

Повеќе од 400 луѓе се евакуирани од градот, соопштија од итните служби.

Регионалното обвинителство во Суми соопшти дека во овој напад биле оштетени 90 станови, 28 автомобили, две образовни институции и 13 згради.