Почина една од тешко повредените во несреќата во Нови Сад

Спасувачки тимови по уривањето на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад, 2 ноември 2024 година

Почина една од повредените при падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, потврди за Радио Слободна Европа в.д. директорката на Клиничкиот центар во Војводина, Весна Туркулов.

Таа е 15-та жртва на трагедијата што се случи на 1 ноември.

„Станува збор за девојката кое беше најтешко повредена. И покрај сите напори на лекарите од Клиничкиот центар Војводина, таа почина“, изјави Весна Туркулов.

Во уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, на лице место загинаа 14 лица, додека три беа тешко повредени.

Настрешницата се урна откако зградата на Железничката станица во Нови Сад беше свечено отворена во јули 2024 година по тригодишна реконструкција.

Изведувач беше кинескиот конзорциум CRIC&CCCC („China Railway International Co.Ltd“ и „China Communications Construction Company Ltd“), додека за стручен надзор беа ангажирани шест компании од Србија и Унгарија.

По притисокот на јавноста, министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија, Горан Весиќ, на 5 ноември поднесе оставка.

Обвинителството во Нови Сад досега сослушало 71 лице, но засега никој не е лишен од слобода.

Видете и ова: Шестчасовна блокада во Нови Сад поради несреќата на железничката станица

Во Нови Сад беа организирани неколку протести на кои граѓаните побараа кривично гонење на одговорните за трагедијата.

Последниот протест во форма на шестчасовна сообраќајна блокада се одржа денеска (17 ноември).