Вкупно 604 предвремено родени бебиња имало лани во Северна Македонија. Оваа година, досега, бројот e 681, соопшти заменик министерот за здравство, Јовица Андовски.
Еден од ризик факторите за предвремено породување е загадениот воздух. Ова го истакна директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК), д-р Ирена Алексиоска Папестиев, на денешната прес-конференција, по повод Светскиот ден на предвремено родените бебиња - 17 Ноември.
„Се повеќе податоци од литературата говорат дека дефинитивно има влијание загадениот воздух, за да дојде до предвремени породувања, при што потоа овие пациентки ќе станат дел од интензивната нега“, рече Алексиоска Папестиев.
Видете и ова: Дишеме опасни материи, загадувањето на воздухот го мерат „двајца без тројца“Ризик фактори, вели, се и возраста на жената, инфекции, како и повеќеплодова бременост.
„Денес современата жена прво ја реализира кариерата, а потоа се посветува на завршување на репродуцијата. Еден од ризик факторите е токму ова бременоста после 35 годишна возраст. Тоа е така затоа што во таа возраст, кај мајката веќе постојат коморбидитети на некои органи, кои нас гинеколозите не приморуваат предвремено да ја терминираме бременоста, за да ја заштитиме мајката“, посочи Алексиоска Папестиев.
Подем на прееклампсија
Планот е оваа година клиниката да се фокусира најмногу на прееклампсијата, бидејќи во последните две децении се бележи континуиран пораст, дури до 25 %, на ова мултиорганско заболување кое се карактеризира со покачен крвен притисок.
Тоа е, како што рече директорката на ГАК, резултат на зголемување на старосната граница на родилките.
Пет до осум отсто од трудниците можат да добијат прееклампсија. Од 16 илјади раѓања во државата, 800 до 1.280 пациентки имаат ризик за појава на преекламспија.
За да се превенира предвремената бременост, во ГАК од крајот на оваа година ќе почне пилот студија за бесплатна скрининг програма за детектирање на пациентки кои што би развиле прееклампсија.
Во употреба е пуштен и интраклинички транспортен респираторен апарат за респираторна вентилација.
„Тоа значи дека самите недоносени бебиња додека да пристигнат до интензивно одделение ќе бидат навремено, во текот на првиот час од раѓањето, соодветно респираторно третирани“, рече Алексиоска Папестиев.
Заменик министерот за здравство Јовица Андовски, информираше дека статистиките кои од 2017 година покажуваа смртност на над 21 процент, годинава се намалени на 6,7 проценти, односно 2 проценти во прочистената перинатална смртност.
„Беше изгласан мастер планот за регионализација на перинаталната здравствена заштита, и овој мастер план е многу значаен, затоа што во него точно се утврдени траекторијата и начинот на превоз на високо ризичните бремени жени од која било точка, на територија на државата до Клиниката за гинекологија и акушерство“, рече заменик министерот.
Тој очекува со овој мастер план во иднина стапката на смртност понатаму да се намалува.
„Подем“ и на честичките ПМ2,5
Во меѓувреме, идни мајки со кои разговараше Радио Слободна Европа се шокирани од податокот од Обединетите нации, дека секој деветти смртен случај кај новороденчиња во Северна Македонија е заради загаден воздух.
Државата со години е на европскиот врв по загаден воздух, но за животна средина се издвојуваат само 0,8 отсто од буџетот. Скопје беше меѓу десетте најзагадени градови во светот, но единствената мерка е бесплатен јавен превоз кога воздухот е најзагаден.
Видете и ова: Додека бебиња умираат, нема ни пари, ни мерки за загадениот воздухОсвен Скопје, меѓу најзагадените градови се и Тетово и Битола, каде мерните станици често покажуваат високи концентрации на честичките ПМ2,5 кои се меѓу најопасните загадувачи.
Сепак, бројни анализи и упатени во проблемот укажуваат дека воздухот е загаден речиси во секое населено место, со концентрации на ПМ2,5 и други загадувачки материи кои редовно ги надминуваат нивоата поставени од ЕУ и Светската здравствена организација.