Шолц: Ставот на Путин за војната во Украина не е променет

Германскиот канцелар Олаф Шолц во Берлин, 6 ноември 2024 година.

Германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека неговиот разговор со Владимир Путин во петокот (15 ноември) не дава индикации за промена на размислувањето на рускиот претседател за војната во Украина, но ја брани неговата одлука да се јави во Кремљ.

Шолц изјави дека вреди да се разговара со Путин за да се отфрлат сите илузии дека Западот ќе се откаже од поддршката за Украина, говорејќи на аеродромот во Берлин денеска (17 ноември), непосредно пред да замине на самитот на Г20 во Бразил.

Осврнувајќи се на претстојното враќање на Доналд Трамп на функцијата претседател на САД, додаде дека исто така не би било добро Вашингтон да биде во редовен контакт со Путин, додека ниту еден европски лидер не е.

„Разговорот беше многу детален, но придонесе да се сфати дека малку се променило во ставовите на рускиот претседател за војната – и тоа не е добра вест“, изјави Шолц за новинарите.

Германскиот канцелар ја потврди поддршката на неговата земја за Украина, велејќи дека без Киев нема да се донесе одлука за прекин на војната со Русија.

„Украина може да смета на нас“ и „нема да се донесе одлука зад грбот на Украина“, рече канцеларот.

Видете и ова: Шолц во телефонски разговор побарал од Путин да се повлече од Украина

Германскиот канцелар разговараше телефонски со рускиот претседател Владимир Путин на 15 ноември, барајќи од лидерот на Кремљ да ја прекине војната против Украина и да преговара со Киев за „праведен и траен мир“.

Кремљ соопшти дека разговорот бил воден „на иницијатива на германската страна“. Путин, како што е наведено, му рекол на Шолц дека сите договори за Украина „треба да започнат од новата територијална реалност и што е најважно, да ги елиминираат основните причини за конфликтот“.

Ова беше прв разговор меѓу германскиот и рускиот лидер од декември 2022 година.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека повикот на Шолц до Путин е „Пандорината кутија“ што може да му помогне на рускиот претседател „да ја олесни својата изолација, изолацијата на Русија и да се вклучи во конвенционални преговори кои нема да завршат со ништо“.