Трет ден демонстрантите го запоседнаа собранието во Абхазија

Воени возила и војници во Сухуми, 16 ноември 2024.

Ситуацијата останa тензична и денеска (17 ноември) во грузискиот отцепен регион Абхазија, поддржан од Русија, при што самонаречениот претседател рече дека не е постигнат компромис со опозицијата.

Според информациите, демонстрантите сè уште се наоѓаат во зградата на парламентот во главниот град Сухуми, каде што упаднаа на 15 ноември во знак на протест поради инвестицискиот договор со Москва.

Де факто лидерот на регионот, Аслан Бжанија, вчера (16 ноември) изјави дека ќе поднесе оставка откако демонстрантите ќе го напуштат комплексот. Меѓутоа, подоцна истиот ден, тој се состана со неговиот кабинет во неговиот роден град Тамиш за да разговара за „начините за стабилизирање на ситуацијата што настана“.

Видете и ова: Претседателот на Абхазија „подготвен да поднесе оставка“ ако демонстрантите го напуштат парламентот

Имаше стравувања од ескалација на насилството среде упадот во парламентот, кој уследи по неколкунеделните тензии во регионот чија независност Москва ја поддржува по петдневната војна против грузиските сили во 2008 година поради друга отцепена грузиска провинција, Јужна Осетија.

Опозициските лидери побараа не само трајно откажување од предложениот договор со Русија за кој противниците велат дека неправедно ќе го отвори пазарот за недвижнини за богатите Руси, туку и оставка на Бжанија и на неговиот потпретседател и премиерот на отцепеното раководство.

Бжанија, поранешен началник на службата за државна безбедност на Абхазија, им рече на своите поддржувачи на 16 ноември дека „се врши огромен притисок врз членовите на парламентот, така што парламентот донесе незаконска одлука за разрешување на претседателот“.

Но, тој предупреди дека „сценариото од 2014 година нема да се повтори“, повикувајќи се на еден од двата случаи кога лидерите на Абхазија поднесоа оставки поради протестите на опозицијата.

Министерството за внатрешни работи на Абхазија и службата за безбедност изјавија дека ќе ги почитуваат наредбите на претседателот.

Демонстрантите изјавија дека окупацијата не била насочена кон блиските врски на Абхазија со Русија, туку против Бжанија, кого го обвинија дека „се обидува да ги искористи овие односи за свои себични интереси [и] манипулирање со нив заради зајакнување на неговиот режим“.

Руската државна новинска агенција ТАСС го цитираше претставникот на демонстрантите, Адгур Арџинба, кој рече дека тие ќе останат на своите места додека претседателот не поднесе оставка.

Москва на 15 ноември соопшти дека со загриженост ја следи „кризната ситуација“ и ги повика руските граѓани да избегнуваат патување во Абхазија.

Извори: РСЕ Грузиски сервис и Ројтерс