Во текот на изминатата ноќ, во паркот во скопската населба Капиштец каде што се изведуваат реконструктивни работи, малолетни лица обиле багер, го стартувале и управувале и предизвикале штета на паркирано возило, информираа од Општина Центар.
Општината вели дека уништени се и каблите за системот за наводнување и направена е значителна материјална штета, додавајќи дека „направен е увид, а истрагата продолжува“.
Ова е втор ваков инцидент во овој реон, откако пред неколку месеци беше обиен и ограбен комуналниот пункт на Општината, потсетуваат од Центар.
Во објавата на социјалните мрежи апелираат до родителите да разговараат со своите деца за последиците од ваквите постапки, бидејќи „јавното добро е за сите нас“.
„Преминати се сите граници! Оштетен е јавен и приватен имот. Нарушена е безбедноста и јавниот ред. Не смее да се дозволи уништување на јавниот и приватен имот. Ваквото однесување мора да запре пред да се случи и нешто полошо. Повикувам на свест и одговорност“, порача градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски.
Општината во јули објави видео снимки доставени од граѓани, на кои се гледаат сцени во кои млади лица уништуваат реквизити на детско игралиште во истата населба.
Видете и ова: Младите вандали да метат улици за „казна“?Градоначалникот тогаш побара засилено присуство на полицијата на терен, а во разговор со Радио Слободна Европа (РСЕ) најави и дека тим правници од Центар заедно со стручни лица ќе состави предлог законски измени во Законот за семејство и законите за основно и средно образование, но и дека можни се и предлог измени на членови на други закони.
Општината планира да постави камери на одредени детски игралишта и пофреквентни локации каде навечер има вандализам. Состаноците со педагози, психолози и универзитетски професори, ќе бидат насока за почеток на кампања за подигнување на јавната свест кај децата и родителите, изјави Герасимовски во јули.
Видете и ова: Детски игралишта во Скопје - постојана битка со вандалитеИ претходно игралиштето во Капиштец беше мета на вандали за што пишуваше РСЕ во ноември минатата година. Дел од реквизитите беа уништени само два месеца по реновирањето.