Шестчасовна блокада во Нови Сад поради несреќата на железничката станица

Граѓани на Нови Сад напладне се собраа на протест, на крстосница близу местото на трагедијата, 17 ноември 2024 година.

Во Нови Сад, денеска (17 ноември) напладне започна протест на кој граѓаните бараат кривично гонење на одговорните за смртта на 14 лица по уривањето на настрешницата на Железничката станица во тој град.

Граѓаните се собраа на крстосница во близина на железничката станица, за трет по ред протест во Нови Сад, по трагедијата што се случи на 1 ноември.

До кога ќе палиме свеќи и ќе молчиме, прашуваат дел од граѓаните на протестот.

Тага, бес, беспомошност

Славица Цревар од Нови Сад за Радио Слободна Европа (РСЕ) вели дека Србија станала „земја на стравот“. Дошла со надеж дека тоа ќе се промени.

Славица Цревар: Не верувам во институциите на овој систем

„Не верувам во судството, навистина не верувам во институциите на овој систем. Верувам дека вистината ќе излезе еден ден кога овој систем ќе падне“, вели таа.

Јанко Фејди, активист од Нови Сад, дошол на собирот за да им оддаде почит на загинатите.

„Мислам дека сите присутни граѓани овде дојдоа токму поради таа причина, да им оддадат почит на оние луѓе кои буквално со глава ја платија најголемата цена за алчноста и корупцијата“, рече Фејди.

Јанко Фејди: Дојдовме да им оддадеме почит на луѓето кои со своја глава платија за алчноста и корупцијата

Тој додаде дека она што се случи во Нови Сад на 1 ноември можело да се случи каде било во Србија.

„Луѓето прво треба да тргнат од себе, да знаат дека тоа можело да бидат тие или некој од нивните членови на семејството, пријателите... Тоа е доволен момент да ги 'мотивираме' да излезат, да кажат: Аман, веќе доста! Веќе нема да ни паѓаат настрешниците на глава“, вели Фејди.

Блокадата ќе трае од 12 до 18 часот, најавија организаторите од здруженијата „Став“ (Студентите против авторитарната власт) и „Свиќе“.

Дел од паролите на протестот

Како што соопштија од двете здруженија, со оглед на тоа што режимот се уште не одговорил на поставените барања, постепеното зголемување на притисоците и барикадите продолжува.

Се бара одговорност

Според известувачот на РСЕ од местото на настанот, активистите на почетокот ги читале имињата на жртвите. Пред станицата беше поставен црн транспарент со слика на гулабот на мирот, симбол од грбот на градот Нови Сад, на кој беше истурена црвена боја што симболизира крв.

Гулаб на мирот, симбол од грбот на Нови Сад, испрскан со црвена боја пред железничката станица каде 14 лица загинаа при уривање на настрешницата на 1 ноември

Музичарот и писател Марко Шелиќ Марчело во говорот пред толпата рече дека повеќе не верува во говори на граѓански протести, туку во „акции“.

„Ништо од говори, ништо од беседи, туку гнев. Акција, акција, акција, како оваа денеска овде“, рече Марчело на протестот во Нови Сад.

Тој додаде дека му претставува чест што денеска стои до граѓаните на Нови Сад и оцени дека „животот во Србија одамна е бесмислен, а ова што сега го гледаме е обид да се направи смртта бесмислена“.

Ги повика сите граѓани, спортисти, репрезентативци, актери, музичари да се придружат „и да запомнат дека се луѓе, а не робови“.

„Имаме 14 жртви, имаме нула уапсени виновници, а имаме невини луѓе во затворите. Па кога, ако не сега?“, праша Марчело.

Марко Шелиќ на блокадата во Нови Сад, 17 ноември 2024

Несреќата на Железничката станица во Нови Сад се случи откако зградата беше официјално отворена во јули 2024 година по тригодишна реконструкција.

Во јавно достапните документи на државните институции во Србија не може да се пронајде дека железничката станица има употребна дозвола, која согласно законот се издава откако ќе се изврши технички преглед и ќе се утврди дека објектот е безбеден за употреба.

Во српскиот парламент на 15 ноември стигна предлог за гласање недоверба на премиерот на Србија, кој го поддржаа 71 пратеник од опозицијата.

Како причини наведени се „пропусти во вршењето на надлежноста и преземањето мерки, како и неизвршување на должноста за утврдување одговорност од надлежните лица, што довела до смрт на 14 лица“ при уривањето на бетонската настрешница.

Поради притисок од јавноста, министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ поднесе оставка на 4 ноември.

Тој изјави дека поднесува оставка поради морална одговорност, но дека не ја прифаќа вината за трагедијата.

Видете и ова: Сослушани над 60 лица за несреќата на железничката станица во Нови Сад

Дел од јавноста повеќе од две недели бара одговорните да бидат кривично гонети.

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад на 13 ноември соопшти дека испрашало 66 лица, а наредено е тој ден да бидат сослушани уште пет.

Од Обвинителството изјавија дека во тек е градежното вештачење и анализа на примероци од градежните остатоци од урнатата настрешница.