Израелската полиција уапси тројца осомничени откако беа фрлени факели кон приватната резиденција на премиерот Бенјамин Нетанјаху во крајбрежниот град Цезареја, објави Асошиејтед прес. Во меѓувреме, во израелските воздушни напади врз Газа во текот на ноќта и денеска (17 ноември) загинаа 12 лица, според тамошните медицински претставници.
Властите соопштија дека Нетанјаху и неговото семејство не биле во резиденцијата и дека нема повредени. Полицијата не објави детали за осомничените кои стојат зад фрлањето на факелите, но официјалните лица посочија на „домашните политички критичари“ на Нетанјаху.
Израелскиот претседател Исак Херцог, го осуди инцидентот и предупреди на „ескалација на насилството во јавната сфера“.
Нетанјаху се соочи со повеќемесечни масовни протести поради неговото справување со заложничката криза предизвикана од нападот врз Израел од страна на Хамас на 7 октомври 2023 година - која САД, ЕУ и други земји ја сметаат за терористичка организација - што ја разгори војната во Газа.
Критичарите го обвинуваат Нетанјаху за пропусти во безбедноста и разузнавањето што го овозможија нападот, како и за неуспехот да се постигне договор со Хамас за ослободување на голем број заложници кои сè уште се во Газа. Израелците повторно се собраа во Тел Авив во саботата навечер барајќи договор за прекин на огнот со што би се вратиле на заложниците.
Министерот за правда, Јарив Левин, во меѓувреме, го искористи нападот за да повика на обновување на неговите планови за реконструкција на судството во Израел, што предизвика повеќемесечни масовни протести пред војната и кои сè уште предизвикуваат длабоки поделби.
„Дојде време да се пружи целосна поддршка за обновувањето на правосудниот систем и системот за спроведување на законот и да се стави крај на анархијата, дивеењето и обидите да му се наштети на премиерот“, рече тој во изјавата.
Поддржувачите велат дека промените во судството имаат за цел зајакнување на демократијата преку ограничување на овластувањата на неизбраните судии и пренесување на поголема моќ на избраните функционери.
Противниците го гледаат предлогот како заробување на власта од страна на Нетанјаху, кому му се суди по обвиненија за корупција и напад врз клучниот ревизор.
Опозицискиот лидер Јаир Лапид, во објава на платформата Х рече дека „остро го осудува“ фрлањето факели кон домот на Нетанјаху, а истовремено го отфрла предлогот на Левин.
„Левин треба да си оди дома со остатокот од оваа неодговорна влада“, напиша Лапид, додавајќи дека „нема да му биде дозволено да го претвори Израел во недемократска држава“.
Ноќни напади во центарот на Газа
Во нападот на Израел врз Газа во текот на ноќта загинаа шест лица во Нусејрат и уште четворица во Буреи, два бегалски кампа изградени во централна Газа кои датираат од војната во 1948 година, кога е создаден денешен Израел, извести Министерството за здравство на Газа кое е под контрола на Хамас.
Уште две лица загинаа во нападот на главниот автопат што се протега од северот кон југот на Газа, соопшти болницата „Ал Акса“ во централниот град Деир ал Балах, која ги прими сите 12 тела, пренесува агенцијата Асошиејтед прес.
Војната меѓу Израел и Хамас започна откако палестинските милитанти го нападнаа Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи околу 1.200 луѓе - главно цивили - и киднапирајќи 250 други. Во Газа се уште има околу 100 заложници, а се верува дека една третина од нив се мртви.
Министерството за здравство на Газа соопшти дека околу 43.800 Палестинци биле убиени во војната. Министерството не прави разлика меѓу цивили и борци, но рече дека повеќе од поовина од загинатите се жени и деца.
Околу 90 отсто од населението на Газа кое броеше 2,3 милиони е раселено, а големи области се срамнети со земја во израелските бомбардирања и копнени операции.
Во четвртокот, десетте избрани членки на Советот за безбедност на ОН расправаа за нацрт-резолуција со која се бара „итен, безусловен и траен прекин на огнот“ во Газа. САД, најблискиот сојузник на Израел, е клучната земја за тоа дали Советот за безбедност ќе ја усвои резолуцијата.