Полска подигна авиони поради рускиот напад на Украина

Полски борбен авион Ф-16 (илустрација)

Полска соопшти дека дека денеска (17 ноември) ги подигнала борбените авиони и ги мобилизирала сите расположливи сили како одговор на рускиот ракетен и беспилотен напад врз Украина.

„Поради масовниот напад на Русија, која врши напади со крстосувачки ракети, балистички ракети и беспилотни летала на локации кои се наоѓаат, меѓу другото, во западна Украина, започнаа операциите на полските и сојузничките авиони“, соопшти денеска на социјалните мрежи полската оперативна команда, пренесе Ројтерс.

Тие мерки беа „насочени кон безбедноста во областите во непосредна близина на загрозените зони“.

Украинскиот министер за енергетика, Герман Галушченко, на платформата Телеграм објави дека „масовен напад врз нашиот енергетски систем е во тек“ и дека руските сили „напаѓаат капацитети за производство и пренос на електрична енергија низ Украина“.

Жителите на Киев се засолнуваат во метро станица за време на рускиот напад на 17 ноември 2024 година.

„Русија изврши еден од најголемите воздушни напади: со беспилотни летала и проектили кон мирни градови, заспани цивили и критична инфраструктура“, изјави украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибига, по бомбардирањето што предизвика прекин на електричната енергија во Киев и два други региони на исток.

Пожарникарите на место каде паднала руска ракета во Миколаев, Украина, 17 ноември 2024 година.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека едно лице е повредено кога остатоци од дрон паднале врз станбена зграда.

Локалните власти и украинските медиуми објавија бројни експлозии низ целата земја, вклучително и Запорожје, Одеса и Миколаев на југ и Чернихив на север.