Најмалку 10 лица загинаа, а 20 се ранети во израелски напад во градот Газа, кој погоди училиште во кое моментално престојуваат раселени семејства, соопштија лекарите во саботата (16 ноември).
Во училиштето Абу Аси управувано од ОН, луѓето можеби сè уште се заробени под урнатините, рекоа здравствените власти. Израелските власти сè уште не го коментирале нападот.
Израелската војска подоцна во саботата објави дека пресретнала две ракети истрелани врз Израел од северниот дел на Појасот Газа.
Лансирањето покажува дека палестинските милитантни групи сè уште можат да истрелуваат ракети врз Израел и покрај тоа што повеќе од 13 месеци спроведуваат воздушни и копнени офанзиви кои претворија огромни делови од Појасот Газа во пустош и раселија голем дел од неговото население кое броеше 2,3 милиони.
Видете и ова: Хјуман рајтс воч: Присилното раселување од Газа е воено злосторствоЗдравствените власти во Појасот Газа контролиран од Хамас - која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација - соопштија дека најмалку 30 луѓе биле убиени во израелските воени напади низ Појасот Газа во саботата.
Во војната во Појасот Газа, според здравствените власти на таа територија под контрола на Хамас, досега загинале 43.799 луѓе.
Војната изби кога на 7 октомври 2023 година, членови на Хамас и други радикални организации ја нападнаа територијата на Израел и, според израелските податоци, убиле околу 1.200 Израелци и киднапирале околу 250 заложници кои ги однеле во Газа.
Напади во Либан
Либанското Министерство за здравство објави дека шест лица, меѓу кои три деца, биле убиени во израелски напад во долината Бека на истокот од земјата во саботата.
Официјалната либанска национална новинска агенција (ННА) објави дека во израелскиот напад врз селото Храјбех загинале шест лица од исто семејство.
Израелската армија изврши нови напади во утринските часови врз упориштата на проиранското движење Хезболах во јужните предградија на Бејрут, откако го повика населението да се евакуира.
Во пресрет на нападот, портпаролот на израелската армија преку социјалната мрежа Х, ги предупреди жителите на населбата Харет Хреика да се евакуираат.
Израел почна да бомбардира цели во Либан на 23 септември, а на 30 септември започна копнена офанзива на југот на земјата.
Во текот на ноќта Хезболах изврши и два ракетни напади врз штабот на пешадиски баталјон во северен Израел. САД сметаат дека либанската група е терористичка организација, додека ЕУ на црната листа го стави само нејзиното вооружено крило, но не и политичката партија која има места во либанскиот парламент.
Видете и ова: Нови напади на Хезболах на северот на ИзраелПодгреан од војната во Појасот Газа, конфликтот меѓу Израел и Хезболах траеше една година пред Израел да започне офанзива во септември.
Израел му нанесе тешки удари на Хезболах, убивајќи многу од неговите водачи, вклучително и Хасан Насрала, и го опустоши јужен Либан.
Според податоците на либанските власти, од октомври минатата година во израелските напади во таа земја загинале повеќе од 3.400 луѓе. Како резултат на конфликтот со Израел, штетите на инфраструктурата и економските загуби на Либан достигнаа, според проценките на Светска банка, повеќе од осум милијарди американски долари.