Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, во саботата (16 ноември) остро ја демантираше информацијата за средба меѓу иранскиот амбасадор во Обединетите нации и американскиот милијардер Илон Маск.
Во интервју за државната телевизија, Арагчи, исто така, предупреди дека Иран е „подготвен за конфронтација или соработка“ во неговиот спор со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) и западните земји во рамки на тоа тело, околу иранската нуклеарна програма.
„Тоа (состанокот) е измислена приказна од американските медиуми и може да се шпекулира за мотивите зад ова“, рече Арагчи, повторувајќи ги претходните деманти од иранското Министерство за надворешни работи.
„Њујорк тајмс“ во четвртокот (14 ноември) објави дека Маск, кој е советник на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, во понеделникот се сретнал со иранскиот амбасадор во ОН.
„Според мене, измислицата на американските медиуми за средбата меѓу Илон Маск и иранскиот претставник е форма на теренско тестирање за да се види дали има основа за таков потег“, рече Арагчи.
Тој додаде дека Иран се уште чека новата американска администрација да ја разјасни нејзината политика, врз основа на која Техеран ќе ја приспособи својата.
„Во моментов, ниту е време за такви состаноци, ниту е соодветно“, рече Арагчи, додавајќи дека иранското раководство предводено од врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи не одобрило таков состанок.
Видете и ова: Техеран: Иран ќе преговара за нуклеарната програма, но без притисокИранскиот министер за надворешни работи изјави дека има ограничен простор за нуклеарни преговори со Западот.
„Се уште има можност за дипломатија, иако можноста не е голема, тоа е ограничена можност“, рече Арагчи.
Односите меѓу Техеран и МААЕ се заострија поради неколку прашања, вклучително и забраната на Иран за експертите на агенцијата за збогатување ураниум да влезат во земјата, како и недостатокот на објаснување од страна на Иран за тоа како се појавиле траги од ураниум на непријавени локации.
Арагчи истакна дека нуклеарниот договор од 2015 година, со кој Трамп ги повлече САД во 2018 година во неговиот прв мандат, повеќе ја нема истата вредност за Иран.
Извори: Ројтерс, АФП