Дијабетесот во Северна Македонија е во подем и има околу 130 илјади дијагностицирани пациенти, како и уште половина од оваа бројка лица кои не се дијагностицирани.
Ова беше истакнато на денешниот (16 ноември) настан организиран од Сојузот на здруженија на дијабетичари на Северна Македонија (СЗДСМ), каде по втор пат се одбележа Светскиот ден на дијабетесот – 14 ноември.
Претседателот на СЗДСМ, Димче Велев, повика на решавање на предизвиците на македонските дијабетичари.
„Пред се достапност на иновативната терапија, да се продолжи со инсулинската терапија како што е, да се промени моделот на достапност на т.н. референтна цена, каде што граѓанинот, односно пациентот сам ќе си зема од аптека, систем за сите лица со дијабетес тип 1 во Македонија со цел да се намалат компликациите“, рече Велев.
Тој нагласи дека кардиоваскуларните заболувања се процентуално најзастапени меѓу пациентите, потоа ретинопатијата, затоа, додаде, потребно е час поскоро да се стави терапијата за ретинопатијата на позитивната листа.
Заменик министерот за здравство Јовица Андовски, пак, истакна дека Министерството преговара со Светската здравствена организација (СЗО) за проширување на превентивните програми.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Светскиот ден на дијабетесот, денеска на Плоштад Македонија го одбележа и Асоцијацијата за детски дијабет на Македонија – Баланс МК.
Таму, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски истакна дека планот на ФЗО за следната година е да се затворат разговорите со Синдикатите и матичните лекари, а потоа да се утврдат средствата со кои располагаат за лековите на позитивната листа.
„Ние сме земја со една од најголемите преваленции на дијабетес во светот, заради тоа што ги имаме сите ризик фактори кои го предизвикуваат дијабетесот, а тоа е дебелината“, посочи претседателката на Научното здружение на ендокринолози и дијабетолози на Македонија, Татјана Миленковиќ, на прес-конференција по повод Светскиот ден на дијабетесот, која се одржа на 14 ноември.
Видете и ова: Половина македонски граѓани со вишок килограми и ризик за дијабетесБројот на луѓе кои живеат со дијабетес се зголеми од 200 милиони во 1990 година на 830 милиони во 2022 година, а преваленцата се зголемува побрзо во земјите со низок и среден приход отколку во земјите со високи приходи, објави СЗО.
Над половина од луѓето кои живеат со дијабет не земале лекови за болеста во 2022 година. Опфатот со третманите бил најнизок во земјите со низок и среден приход, истакнуваат од организацијата.