Лидерите на Г7 најавија „сериозен“ економски напад врз Русија поради инвазијата врз Украина

Знамињата на земјите во групата Г7, фотографирани за време на министерски состанок во Германија, 3 ноември 2022 година

Лидерите на групата Г7 на економски најразвиените демократски земји во светот, денеска (16 ноември) го повторија своето ветување дека ќе продолжат со сериозни економски мерки против Русија за нејзината инвазија врз Украина, објави Ројтерс.

Како што е најавено во заедничкото соопштение, мерките меѓу другото ќе опфатат и дополнителни санкции и контрола на извозот. Лидерите на Г7 ветија и дека ќе го поддржат Киев „се додека е потребно“.

„Русија останува единствената пречка за праведен и траен мир“, се вели во денешната заедничка изјава, усвоена „за поддршка на Киев како што се приближува илјадитиот ден од руската агресивна војна против Украина“.

Во 2024 година, Италија претседава со Г7, во која се вклучени и САД, Канада, Јапонија, Франција, Германија и Велика Британија.

Видете и ова: Министрите за одбрана на Г7 го поддржуваат „неповратниот пат“ на Украина кон НАТО

„Г7 ја потврдува својата посветеност да наметне сериозни трошоци за Русија преку санкции, контрола на извозот и други ефективни мерки. Ние сме обединети со Украина“, се додава во соопштението.

Г7 и обезбеди на Украина заем во вредност од 50 милијарди американски долари, а средствата беа обезбедени преку приходи од камати на руски средства замрзнати под западните санкции поради нејзината инвазија врз Украина.