Претседателот на Абхазија „подготвен да поднесе оставка“ ако демонстрантите го напуштат парламентот

Абхазискиот водач Аслан Бжанија (во средина) разговараше со своите поддржувачи од неговото родно село Тамиш, на околу 40 километри од Сухуми.

Аслан Бжанија, лидерот на грузискиот сепаратистички регион Абхазија, кој ја ужива поддршката од Москва, денеска (16 ноември) изјави дека е „подготвен“ да поднесе оставка доколку поддржувачите на опозицијата се согласат да ја напуштат парламентарната седница во главниот град Сухуми, извести грузиската служба на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Опозицијата повика на нов митинг на 16 ноември откако претходниот ден демонстрантите упаднаа во просториите на парламентот поради договорот за недвижнини со Москва и побараа оставка од Бжанија.

„Оние кои ги окупираа зградите, оние кои се обидоа да извршат државен удар, мора да го напуштат комплексот, по што сум подготвен да распишам избори, да поднесам оставка и да се кандидирам на нови избори“, им порача Бжанија на своите поддржувачи во неговиот роден град, во крајбрежното село Тамиш, на околу 40 километри од Сухуми, регионалниот главен град.

Опозицијата сепак е решена да ги игнорира барањата на Бжанија.

„Аслан Бжанија прибегнува кон очајнички обиди да ја спаси својата влада. Неговото владеење заврши“, се наведува во соопштението на таканаречениот Координативен совет на опозицијата.

Во ова соопштение, опозицијата го обвини Бжанија дека „ги збогатил своите роднини и тесниот круг на блиски луѓе“, повикувајќи ги приврзаниците на опозицијата да се соберат во главниот град Сухуми.

Прес-службата на Бжанија соопшти дека тој се наоѓал во неговото родно крајбрежно село Тамиш, на околу 40 километри од Сухуми, негирајќи ги информациите дека апхаскиот лидер се засолнил во руска воена база.

Локалните медиуми јавуваат дека на 15 ноември пратениците не го ратификувале договорот, за кој оние што се против стравуваат дека ќе им овозможи на богатите Руси да стекнат имот во регионот на Црното Море. Ова доведе до зголемување на цените на недвижностите и ги направи недостапни за локалното население.

Опозициските претставници рекоа дека откако првично побарале да се поништи договорот, демонстрантите почнале да бараат смена на Бжанија.

Бжанија кој е поранешен шеф на службата за безбедност на Абхазија, им порача на своите поддржувачи дека нема да поднесе оставка.

„Ве молам, не паничете, останувам во Абхазија“, рече тој во пораката на Телеграм. Додаде и дека разговорите со опозицијата продолжуваат.

Неколку часа претходно, на 15 ноември, демонстрантите насилно влегоа во зградата на парламентот и ја опколија резиденцијата на Бжанија, која се наоѓа во истиот комплекс со зградата на парламентот и владата во Сухуми.

Видете и ова: Демонстранти се обидоа да влезат во Парламентот во грузиска Абхазија поради договорот со Русија

Абхазија и Јужна Осетија се отцепија од грузиската власт по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година. Москва ја призна независноста на двата региона откако руските сили го одбија грузискиот обид да ја повратат Јужна Осетија во петдневната војна во летото 2008 година, која заврши со пораз на Грузија.

Повеќето земји сè уште ја признаваат Абхазија како дел од Грузија, но нејзината економија е речиси целосно зависна од Москва, која им дава плати на вработените во јавната администрација, како и социјални бенефиции за жителите.

Грузискиот проевропски претседател Саломе Зурабишвили одговори на тензиите во регионот што Тбилиси го смета за окупиран, обвинувајќи ја Русија дека „презема забрзани чекори кон анексијата“ на Абхазија.

Во Сухуми, локалните медиуми објавија дека стотици демонстранти се судриле со безбедносните сили, кои наводно употребиле солзавец за да ја растераат толпата.

Тензиите во регионот пораснаа во последните недели, а опозициските активисти бараат прекин на доминацијата на Русија во регионот, пред сè во економската сфера, иако опозициските партии на 15 ноември изјавија дека нивниот протест не е насочен против Русија. Тие истакнаа дека нивниот гнев е насочен кон Бжанија, кого го обвинија дека ги користи односите со Москва „за своја корист“.

Министерството за надворешни работи на Русија објави соопштение во кое портпаролката Марија Захарова ја обвини апхаската опозиција за пречекорување на законските средства и „провоцирање на ескалација“. Таа рече дека Русија не се меша и оти очекува ситуацијата „да се реши исклучиво со мирни политички средства“.

Захарова препорача сите руски граѓани во Абхазија да ја напуштат областа „ако е можно“, а останатите да се воздржат од патување во Абхазија.