Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, ги посети клучните подземни локации за збогатување ураниум во Иран во Фордоу и Натанц, објавија иранските државни медиуми на 15 ноември, без да понудат детали.
Иран ја ограничи инспекцијата во своите нуклеарни локации и им забрани на неколку инспектори на МААЕ да ги посетат тие капацитети за збогатување.
Гроси е во Иран за да се заложи за дипломатија, предупредувајќи дека „просторот за преговори се намалува“ поради унапредувањето на иранската нуклеарна програма.
Техеран инсистира дека неговите нуклеарни амбиции се мирољубиви.
Посетата доаѓа во пресрет на претстојниот состанок на Одборот на гувернери на МААЕ, каде што некои нации вршат притисок за акција против исламската република.
Видете и ова: Техеран: Иран ќе преговара за нуклеарната програма, но без притисокПретходно на 14 ноември Иран изрази подготвеност да го реши спорот со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во врска со почитувањето на заштитните мерки за својата нуклеарна програма, но нема да го стори тоа под притисок, изјави иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи по средбата со генералниот директор на МААЕ Рафаел Гроси во Техеран.
Средбата се одржа во контекст на претстојното преземање на функцијата од новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и неговата администрација во јануари.
Трамп во 2018 година, во својот прв мандат, еднострано ги повлече САД од нуклеарниот договор со Иран од 2015 година.