Ејпл отстрани неколку апликации на РСЕ/РЛ по барање на рускиот медиумски регулатор

Американскиот гигант Ејпл (Apple) ја извести Радио Слободна Европа (РСЕ/РЛ) дека отстранил неколку негови апликации по барање на рускиот медиумски регулатор Роскомнадзор.

Отстранетите апликации на РСЕ/РЛ се апликации на рускиот сервис на РСЕ и дел од проектите на рускиот сервис на руски јазик. Роскомнадзор го извести Ејпл дека апликациите содржат материјали од организација чии активности во Русија се прогласени за „непожелни“.

Апликацијата на рускиот сервис на РСЕ сè уште е достапна за корисниците на Ејпл во други земји.

РСЕ беше ставена на руската листа на „непожелни организации“ во февруари. Претседателот на РСЕ, Стивен Капус, ја нарече одлуката „уште еден пример за тоа како руската влада го гледа вистинитото известување како егзистенцијална закана“.

Покрај апликациите на РСЕ, Ејпл исто така отстрани или сокри неколку подкасти на руски јазик произведени од независни новинари.

Видете и ова: Епл ги отстранува објавите на независните руски медиуми

Новинската куќа „Медиазона“ на 14 ноември објави дека новите епизоди од онлајн радио станицата Ехо Москва и истражувачкиот медиум „Инсајдер“ повеќе не се достапни во Русија. Се чини дека е погоден и подкаст на руската служба на БиБиСи.

Во последниве години, руските власти ги забрзаа напорите за построго регулирање и контрола на содржината на интернетот на руски јазик, неформално познат како РуНет (RuNet).

Веб-страниците на социјалните платформи како X или Фејсбук (Facebook) беа пригушени или забавени во минатото во обид, како што велат експертите, кој се чини дека е тест од регулаторите за филтрирање на содржината или пренасочување на руските корисници.

Платформата за стриминг видео во сопственост на Гул (Google), Јутјуб (YouTube), која беше главно недопрена од регулаторите, забележа големо забавување почнувајќи од летото.

Некои официјални лица ја обвинија застарената опрема во Русија, опремата што Гугл не можеше да ја одржува поради западните санкции. Но, други рекоа дека „деградацијата“ е намерна, со цел да ја забави платформата и да ги фрустрира гледачите во обид да ги поттикне кон домашните руски алтернативи кои се построго контролирани.