Николовски ги повика обвинителите и ревизорите да ја проверат „сомнителната“ работа на Агенцијата за пошти

Александар Николовски, министер за транспорт и врски

Државниот завод за ревизија и Обвинителството да ја проверат и работата на Агенцијата за пошти и нивното доделување лиценци на приватни пошти, повика на 15 ноември министерот за транспорт и врски Александар Николовски коментирајќи го вчерашниот ревизорски извештај за работата на Македонска пошта. Според него во таа институција работела се освен она што и е основна задача да биде регулаторно тело за работата на македонските компании кои нудат поштенски услуги.

Николовски тврди дека на терен има такви компании кои, како што вели, буквално работат од подрум. Тој очекува Обвинителството да постапи и по ревизорскиот извештај за работата на Македонски пошти и да утврди одговорност.

„И дај боже на претходната власт намерата да и била приватизација на Македонска пошта, иако јас не се согласувам со тоа но нивната цел не била ни приватизација туку пропаѓање на македонски пошти со отворање на приватни пошти“, изјави Николовски.

Ревизорите утврдија дека Македонска Пошта е загубар со милионски долгови, ама директорите во септември минатата година незаконски си покачиле плата.

„Според законот во случај на намалена добивка или значително влошена финансиска состојба на друштвото, надоместокот на плата и другите бенефиции предвидени со менаџерскиот договор може да се намалат“ се вели во извештајот за работата на Поштата во 2023.

Од 2017 година па навака, Македонска пошта работи со загуби, при што најголемата загуба е евидентирана во 2022 година во вредност од 3,7 милиони евра. Според ревизорите загубите се должат на неплатени кредити, заеми и сметки за струја.

Видете и ова: Директорите си ја зголемиле платата за 50 отсто, поштарите на минималец

Дополнително Николовски изјави дека зградата на Македонска пошта што настрада во пожар во 2013 година според плановите на претходната власт требало да биде дадена на користење на ресторан со кабаре.

„Знаете дека централниот објект на Македонска пошта настрада во пожар, и јас заедно со министерот за култура со поддршка на европската делегација формиравме работно тело кое работи интензивно на стане мултимедијален музејски центар. Планот на претходното раководство било да го издаде за ресторан со кабаре“, изјави Николовски.

Видете и ова: Опожарената Пошта цела деценија чека пари за поправка

Објектот изграден за да го симболизира подигнувањето и реконструкцијата на градот Скопје по силниот земјотрес што целосно го разурна во 1963 година, по пожарот во 2013 година сега е руиниран и веќе една деценија е симбол на системската негрижа за државниот имот и културното наследство.

Претходната Влада предводена од СДСМ и ДУИ се надеваше на европски пари за ревитализација на симболот на градот од постземјотресно Скопје, во период кога администрацијата на Пошта издвои 1,2 милиони евра за тендер за чистење.

Зградата на Македонски пошти е еден од најкарактеристичните објекти од бруталистичката архитектура во постземјотресно Скопје. Изградена е по проектот на македонскиот архитект Јанко Константинов во 1974 година. Во пожарот во 2013 година изгореа муралите на Борко Лазески со кои беше насликана внатрешноста на шалтерската сала, како и голем дел од мебелот и осветлувањето кои беа дизајнирани специјално за поштата.

Овој објект се најде на листата на седум најзагрозени споменици и локалитети на листата на Еуроностра. Објектите кои се избрани на оваа листа добиваат помош во форма на експертизи, ресурси и можност за аплицирање за инвестициски грантови.