Московска режисерка доби 8 години затвор за објави против Путин

Илустрација

Театарската режисерка Анастасија Бережинскаја е осудена на 8 години затвор од судот во Москва поради нејзините објави и коментари на социјалната мрежа ВКонтакте во 2022 година, со кои ја осудила неиспровоцираната инвазија на Русија врз Украина и упатила повици за „убивање“ и „елиминација“ на претседателот Владимир Путин.

Судијата Андреј Плужников од московски окружен воен суд денеска (14 ноември) ја прогласи Бережинскаја за виновна за „оправдување тероризам“, „дистрибуирање лажни информации за руската војска“ и „дискредитација на вооружените сили на Русија“.

Обвинителите побараа 10-годишна затворска казна за 43-годишната Бережинскаја.

Таа одби да сведочи за време на судењето и се изјасни за делумно виновна.

„Почитуван, немам што да кажам, ништо да додадам. Ќе ја прифатам секоја ваша одлука“, кажа Бережинскаја пред судијата.

Видете и ова: Пет години затворска казна за руска педијатарка

Откако судијата ја донесе пресудата, таа веднаш беше уапсена. Пред и за време на судењето, и беше наредено да не ја напушта Москва.

На Бережинскаја, која е мајка на деца на возраст од 8 и 10 години, и е дијагностицирано растројство на личноста, но судот пресудил дека не и е потребна хоспитализација.

Руските власти сè повеќе користат обвиненија како што се оние за дискредитација на вооружените сили на земјата или дистрибуирање лажни информации за војската за да го задушат секое несогласување изразено во врска со агресијата на Москва против Украина од почетокот на целосната инвазија во февруари 2022 година.

Извор: Медиазона