Хјуман рајтс воч: Присилното раселување од Газа е воено злосторство

Палестинците го напуштаат источниот појас Газа по израелска наредба за евакуација, 7 јули 2024 година

Наредбите на израелската армија за евакуација во Појасот Газа, кои доведуваат до принудно раселување на населението, претставуваат воено злосторство, се наведува во новиот извештај на Невладината организација Хјуман рајтс воч (ХРВ).

„ХРВ собра докази дека израелските функционери вршат воено злосторство со присилно преместување на цивили“, се вели во денешниот (14 ноември) извештај на ХРВ.

Во него, стои и дека „израелските дејствија исто така ја исполнуваат дефиницијата за етничко чистење“ во областите каде армијата им нареди на Палестинците да заминат и од каде што нема да можат да се вратат.

Израелските власти ги повикуваат жителите на цели делови од територијата да се евакуираат поради воени операции, нагласувајќи дека на овој начин придонесуваат за заштита на цивилите.

Обединетите нации проценија дека во октомври имало 1,9 милиони раселени жители на Појасот Газа.

Вкупно, на таа територија на почетокот на војната меѓу Израел и Хамас имало околу 2,4 милиони жители.

Видете и ова: Израел најави проширување на хуманитарната зона во Појасот Газа

Најмалку 22 лица беа убиени на 13 ноември во израелските напади низ Појасот Газа, додека израелските сили го продлабочија упадот во северниот град Беит Ханун, принудувајќи ги повеќето од преостанатите жители да побегнат на други делови од територијата, објави Ројтерс.

Војната во Појасот Газа избувна на 7 октомври минатата година кога екстремистите предводени од Хамас, која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација, го нападнаа Израел каде, според израелските податоци, убиле 1.200 луѓе и киднапирале повеќе од 250 заложници.

Повеќе од 43.500 Палестинци се убиени во Појасот Газа за време на војната, според здравствените власти на територијата под контрола на Хамас.