Бајден и Трамп се сретнаа во Белата куќа – ветија мирен трансфер на власта

Трамп и Бајден одржаа средба во Овалната соба.

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, и актуелниот претседател Џо Бајден, долгогодишни политички ривали, денеска (13 ноември) се сретнаа во Белата куќа, за првпат откако Трамп победи на изборите минатата недела. Двајцата ветија непречена транзиција на власта во јануари.

Во мирна атмосфера прекривајќи ги тензиите меѓу нив двајцата, Трамп и Бајден седнаа еден до друг во Овалната соба.

Бајден го победи Трамп на изборите во 2020 година, но оваа година се откажа од претседателската трка откако во јули имаше катастрофален настап на дебата со Трамп. Тој ја препушти кандидатурата на потпретседателката Камала Харис, која загуби.

„Очекуваме да имаме, како што рековме, непречена транзиција“, рече Бајден додавајќи кон Трамп: „Добредојдовте, добредојде назад“.

Видете и ова: Вртење десно: Трамп и подемот на популистичките лидери

„Политиката е тешка, и во многу случаи тоа не е многу убав свет, но денес е убав, и навистина ја ценам транзицијата која е мирна онолку колку што може да биде. Навистина го ценам тоа, Џо“, рече Трамп, кој ќе ја преземе функцијата на 20 јануари.

Средбата меѓу Бајден и Трамп беше контраст на критиките што тие ги разменуваа меѓу себе низ годините наназад. Нивните тимови имаат многу различни ставови за политиката, почнувајќи од климатските промени, па се до Русија и до трговијата.

Поворката со автомобили во која се наоѓаше Трамп помина низ силно обезбедената капија на Белата куќа, по што Бајден го пречека поранешниот и идниот претседател во Овалната соба.

Првата дама Џил Бајден му се придружи на Бајден во пречекот на Трамп. Белата куќа соопшти дека таа му дала на Трамп рачно напишано писмо со честитки за неговата сопруга Меланија Трамп и „ја изразила подготвеноста на нејзиниот тим да помогне во транзицијата“.

Видете и ова: Што може да се очекува од вториот мандат на Доналд Трамп?

Во меѓусебните критиките што претходно си ги упатуваа, Бајден (81) го прикажуваше Трамп како закана за демократијата, додека Трамп (78) го прикажуваше Бајден како некомпетентен. Трамп и лажно тврдеше дека имало широко распространети нерегуларности на изборите во 2020 година, кои ги загуби од Бајден.

Претходно во текот на денот, Трамп ја прослави својата победа со републиканците во Претставничкиот дом кои имаат големи шанси да ја задржат контролата врз Долниот дом на Конгресот, за што сè уште се очекуваат резултатите од гласањето на 5 ноември.

„Зарем не е убаво да се победи? Убаво е да се победи. Секогаш е убаво да се победи“, рече Трамп.