Познат руски готвач пронајден мртов во Белград

Алексеј Зимин, декември 2020 г.

Рускиот готвач и угостител Алексеј Зимин е пронајден мртов во Белград на 53-годишна возраст.

Од Вишото јавно обвинителство во Белград за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјавија дека за смртта на Зимин биле информирани од полицијата.

„Наредено е да се изврши обдукција со токсиколошки наод за утврдување на причината за смртта“, се наведува во одговорот од обвинителството.

Смртта на Зимин ја потврдија и од неговиот ресторан „Зима“ во Лондон.

Последната објава на Алексеј Зимин на Инстаграм беше на 4 ноември, во која најави специјална вечера во еден белградски клуб на 7 ноември, како и презентација на неодамна објавениот проект Англоманија – личен поглед на културната историја на Велика Британија.

Во Лондон, Зимин го поседуваше рускиот ресторан „Зима“ и го издаваше истоименото списание.

Видете и ова: Загушување на Јутуб: Цензурата на Кремљ влегува во непознати води

Тој беше заменик-главен уредник и на гастрономското списание „Афиша“, главен уредник на „Афиша храна“.

Пишувал и за весниците „Комерсант“ и „Ведомости“.

Во неговата кариера, отоври и неколку познати ресторани во Москва.

Зимин водеше кулинарски програми на телевизиски канали кои по 11 години емитување беа укинати поради критиките за руската инвазија на Украина.

„Единаесет години. Во текот на 22 телевизиски сезони, имав програма во сабота наутро во ударен термин на НТВ. Од мај тоа го нема … Ќе нема нови епизоди поради антивоената позиција на водителот. Дали се каам? Не, жалам што на крајот учествуваме во војната. Јас не учествувам во војната, војната учествува во мене“, напиша тој на Инстаграм.

Зимин беше роден во Дубна во 1971 година.