Грузиската проевропска опозиција се повлече од новиот парламент, официјално откажувајќи се од своите мандати добиени за време на „спорните“ избори на 26 октомври, кои одбива да ги признае поради обвинувањата за широка измама и руско мешање.
Опозицијата одржува големи секојдневни протести во Тбилиси, откако партијата Грузиски сон која важи за блиска до Москва, победи со 54 отсто од гласовите.
Грузиската проевропска претседателка Саломе Зурабишвили, исто така, одби да ја признае валидноста на резултатите и повика на нови избори.
Претставниците на двата главни опозициски блока - Обединетото национално движење (ЕНМ) и Коалицијата за промени поднесоа жалба на 12 ноември до Централната изборна комисија (ЦИК) барајќи укинување на нивните партиски листи - технички потег што ќе го оневозможи ЦИК да ги регистрира кандидатите на опозицијата кои освоија мандати за пратеници.
„Во име на Обединетото национално движење изјавуваме дека не го признаваме легитимитетот на овие избори и ги одбиваме нашите пратенички мандати“, рече на заедничката прес-конференција шефицата на ЕНМ Тина Бокучава.
Видете и ова: Зурабишвили вели дека владејачката партија ја „заробила“ Грузија и бара повторно гласањеНика Гварамиа, лидерот на Коалицијата за промени, рече дека сите членови на листата на неговиот блок официјално ќе го потпишат своето одбивање онолку пати колку што е потребно доколку ЦИК, под притисок на властите, се обиде да ги регистрира во парламентот преку бирократски процедури.
„Овој парламент е нелегитимен, а нашето учество во неговите активности е исклучено. Ние нема да им помогнеме на властите да го легитимираат со нашето присуство“, рече Гварамиа.
Како одговор, Грузискиот сон рече дека ќе поднесе тужба до Уставниот суд за да ги прогласи за незаконски некои опозициски партии, директно обвинувајќи ја ЕНМ за предавство.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Не исклучуваме дека ќе се грижиме пред сè за ЕНМ, која изврши предавнички дела против земјата“, рече генералниот секретар на Грузиски сон Каха Каладзе, додавајќи дека властите имаат „многу докази“ за да го прогласат блокот за нелегален, без расправа.
Грузија е кандидат за членство во ЕУ од минатата година, но потезите на Грузиски сон да усвои закон за ограничување на странското финансирање на невладините организации што го отсликуваат законот за „странски агенти“ на Москва и анти-ЛГБТ законите, предизвикаа критики од Брисел и Вашингтон дека оваа кавкаска земја покажува назадување на демократијата.