Средба Давкова-Радев: Билатералните спорови да се решаваат во рамки на принципите на ЕУ

Претседателите на Бугарија и Северна Македонија, Румен Радев и Гордана Сиљановска-Давкова во Баку, Азербејџан 13 ноември 2024

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова оствари средба со бугарскиот претседател Румен Радев на маргините на Конференцијата за климатски промени-КОП29 во Баку, Азербејџан.

Како што информираат од Кабинетот на претседателката, било разговарано за потребата од унапредување на македонско-бугарските односи, за надминување на отворените прашања меѓу двете држави, како и за можностите за продлабочување и динамизирање на билатералната соработка во повеќе области од взаемен интерес.

Двајцата соговорници ги изложиле своите позиции во поглед на можните решенија за предизвиците на македонските евроинтеграции.

„Претседателката ја подвлече важноста од продолжување на билатералниот политички дијалог на сите нивоа и притоа посочи дека треба да се почитуваат позициите и интересите на обете страни и дека решавањето на билатералните спорови треба да е во рамките на основните вредности и принципи на Европската Унија“, се наведува во соопштението од Кабинетот на Сињановска-Давкова.

Видете и ова: Скопје и Софија – Од културна дипломатија до протестна нота

Бугарскиот претседател Радев, се вели во соопштението, укажал на потребата од брзо решавање на отворените прашања, како и на потребата од воспоставување на добри односи во сите области од заемен интерес за полесно меѓусебно разбирање.

Сиљановска Давкова, како што посочуваат од Кабинетот, нагласила дека односите треба да се развиваат врз основа на заемно почитување, поддршка и активна соработка што ќе придонесе за јакнење на довербата и пријателството меѓу двата народа.

Двајцата соговорници во разговорот, како што се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателката, се согласиле за организирање на официјални посети на кои ќе се конкретизираат заложбите за подобра севкупна соработка меѓу двете држави.

Радев, како што пренесоа бугарските медиуми, по средбата изјавил дека доколку државниот врв на Северна Македонија сака влез во ЕУ, очекува Владата и Собранието на Северна Македонија што поскоро да го спроведат она што е предвидено во Преговарачката рамка и во Договорот за добрососедство.