Делови од Шпанија во опасност од обилни врнежи и поплави

Последици од разорните поплави во Андалузија, Шпанија, октомври 2024

Две недели по разорните поплави во источна Шпанија, метеоролошките служби денеска (13 ноември) ги предупредија граѓаните да бидат внимателни, бидејќи повторно се очекуваат катастрофи во форма на поројни врнежи и ниски температури, поради што е издадено црвено предупредување за областа.

Источниот и јужниот дел на Медитеранот повторно се најзагрозени, а шпанската метеоролошка агенција Аемет, денеска издаде црвено предупредување за Малага и јужниот дел на Тарагона, пишуваат шпанските медиуми.

Агенцијата предупредува на дождови и невреме кои би можеле да бидат многу силни.

Предупредувањата важат и за остатокот од регионот на Валенсија, Балеарските Острови, Мурсија и брегот на Каталонија, како и за источна Андалузија.

Видете и ова: Шпанија се уште на удар на дождови, 78 луѓе се исчезнати во поплавите

Дополнително, издадено е предупредување поради снег во северниот дел на Екстремадура и регионот Кастиља и Леон, каде што некои патишта се веќе затворени, а за други употребата на синџири е задолжителна, како и поради крајбрежните појави во Галиција и по целото медитеранско крајбрежје.

Поради најава за ново невреме, се преземаат мерки на претпазливост во многу области на Валенсија, а многу градови одлучија да преземат превентивни мерки и да ја прекинат наставата во неколку провинции во регионот на Валенсија, Алдаја, Малага, Гранада и други области.