Со изведување на докази од страна на Обвинителството во Основниот кривичен суд Скопје денеска (13 ноември) во 10 часот треба да продолжи судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.
На минатите рочишта сведочеа мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, ќерката на Жежовски, Ана Киркова и нејзиниот сопруг, Тодор Кирков, како и повеќе лица вклучени во истрагата за двете убиства.
На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.
Видете и ова: Стан не е причина да се убие дете, тврдат адвокатите за убиството на девојчето ВањаСпоред обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.