Хашкиот суд одлучи дека е надлежен за случаите на Ерменија и Азербејџан

Меѓународниот суд на правдата во Хаг

Меѓународниот суд на правдата (МСП) на 12 ноември соопшти дека има јурисдикција да ги разгледува ривалските случаи на Ерменија и Азербејџан за спорниот регион Нагорно-Карабах.

„Судот утврди дека е надлежен“ да ги разгледува случаите поднесени во септември 2021 година, се вели во соопштението објавено од судот. Одлуката на советот од 17 судии беше едногласна.

МСП со седиште во Хаг, највисокиот суд на ОН, исто така пресуди во корист на Ерменија за два нејзини приговори, но го отфрли третиот.

Ерменија во својот случај тврди дека Азербејџан ја прекршил Меѓународната конвенција за елиминација на сите форми на расна дискриминација (ЦЕРД) и се вклучил во „етничко чистење“ во регионот.

Азербејџан ги отфрли обвинувањата и поднесе противтужба. Баку го обвини Ереван и за говор на омраза и „расистичка“ пропаганда.

Видете и ова: Година по егзодусот од Нагорно-Карабах, Ерменците и Азербејџанците сè уште сонуваат за дома

Случаите се однесуваат на акции преземени во Нагорно-Карабах, планински регион во Азербејџан населен претежно со етнички Ерменци. Ерменија и Азербејџан водеа војни во раните 1990-ти и во 2020 година за контрола на енклавата.

Баку ја презеде територијата во септември 2023 година во молскавична еднодневна офанзива што го натера речиси целото локално етничко ерменско население од околу 100.000 да избега во Ерменија. МСП, кој одлучува во споровите меѓу државите, издаде итни наредби во декември 2021 година повикувајќи од двете страни за да се спречи поттикнување и промовирање на расна омраза.

Оттогаш разгледуваше различни предлози поднесени од двете земји против меѓусебните случаи. Ерменија се врати пред судот на ОН во 2023 година во неделите откако Нагорно-Карабах беше заземен од Азербејџан.

Судот не соопшти кога ќе се одржат следните рочишта за противничките случаи. Одлуката за основаноста на случаите се очекува да трае со години. Иако наредбите на МСП се обврзувачки, судот нема механизам за нивно извршување.